Намален е бројот на заболени од грип
Постепено се намалува бројот на заболени од грип во државава. Изминатата недела биле регистрирани 1.980 заболени, што е намалување за 32 отсто споредено со неделата пред неа кога беа регистрирани 2.781 заболен, се наведува во последниот извештај на Институтот за јавно здравје.
Во однос на десеттата недела од минатата сезона која се карактеризираше со ран почеток и пик на активноста, оваа сезона бројот на заболени е зголемен за 13 пати.
Оваа недела најголем број заболени лица – 355 се пријавени од подрачјето на Центарот за јавно здравје Скопје, а највисока инциденца 550,9 на 100.000 жители е регистрирана на подрачјето на Подрачната единица Свети Николе.
Досега во сезоната 2017/2018 вкупно се пријавени 21.100 случаи на заболени од грип, што е за 39 отсто помалку споредено со истиот период од минатата сезона кога биле регистрирани 34.625 заболени.
Досега, најголем број заболени лица – 2.741 се регистрирани во ЦЈЗ Скопје, а поголем број е пријавен и во ПЕ Гостивар (2.169) и ЦЈЗ Струмица (1.914). Највисока инциденцата од 3.288,1 на 100.000 жители е регистрирана на подрачјето на ПЕ Кавадарци.
Според извештајот, најмногу заболени имало кај лица на возраст од 15-64 години – 12.767 случаи.