Мијалков му јавил на Камчев дека ќе го претресуваат


Врховниот суд воопшто не го зел предвид предлогот на Специјалното јавно обвинителство за продолжување на притворот на бизнисменот кој е осомничен во случајот „Империја“, но од предлогот до Врховниот суд, СЈО открива детали за истрагата за овој предмет и образложува зошто Камчев и другите двајца бизнисмени осомничени во овој случај, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ, треба да останат во куќен притвор.

Иако Камчев во едно од своите интервјуа тврдеше дека веќе не комуницира со Мијалков, сепак токму неговиот долгогодишен пријател и бизнис-партнер му јавил дека ќе се врши претрес во неговиот дом. Мијалков дознал во последните моменти кога веќе се формирале екипите за претрес и тајноста на планот на СЈО била издадена. Поточно, кога Мијалков дознал, не му јавил директно на Камчев, туку на неговиот бизнис-партнер Ненад Јосифовиќ кој, пак, го известил најбогатиот Македонец. Иако тврдат дека не комуницираат, сепак бизнисот ги спои двајцата партнери, па по дојавата Камчев сокрил предмети кои биле во неговиот сеф и неговиот мобилен телефон.

„Тоа укажува дека доколку би бил пуштен да се брани од слобода ќе ја попречува кривичната постапка преку влијание врз сведоци и соучесници, поради што и понатаму постојат причините за продолжување на мерката куќен притвор против обвинетиот“, смета СЈО.
СЈО стравува дека Камчев може да избега бидејќи е добро ситуиран, поседува бугарски пасош и бугарско државјанство, а има и фирма во соседна Бугарија.
Камчев е опфатен и во истрагата за стечајот на фирмата МПМ, која издаваше три дневни весници. Она што е интересно во образложението на СЈО, е тоа што и Камчев и поранешните први луѓе на МПМ, Срѓан Керим и Јана Станисављева, се напишани како обвинети иако против за овие случаи сè уште нема покренато обвинение.
Од СЈО објаснуваат дека терминот обвинет, според Законот за кривична постапка, може да се користи ако против некое лице има наредба за истрага иако има посебен термин – осомничен.

Жалбата на Камчев му ја подготвувале четворица адвокати, Антонио Апостолски, Ана Камчева, Миле Наумовски и поранешниот антикорупционер Драган Малиновски. Тие се повикуваат на правното мислење на Врховниот суд кој утврди дека СЈО не може да покренува обвиненија, да покренува истраги и да презема предмети од редовното обвинителство по 30 јуни 2017 година.

Тие својот клиент го опишуваат како истакнат бизнисмен кој раководи со успешни компании со 3.000 вработени лица, ужива углед на успешен човек, кој не се занимава со криминални дејствија.

За Панделески во предлогот на СЈО е наведено дека постои основан страв дека доколку обвинетиот биде пуштен да се брани на слобода може да ја попречува постапката со влијание на сведоци и прикривање докази, имајќи предвид дека и во понатамошниот тек на постапката потребно е да се преземат дејствија заради прибавување вербални и материјални докази. Во досегашниот тек на истрагата биле сослушани голем број сведоци, преостануваат за сослушување уште 20 сведоци, а во тек е и утврдување на адресите на сведоците кои имаат сознанија во поглед на кривичните дела кои му се ставаат на товар на обвинетиот. „Исто така, постои основан страв дека обвинетиот ќе ги сокрие или уништи трагите на кривичните дела за кои постои основано сомнение дека ги има преземено во рамките на групата преку фирмите и други правни лица кои биле под контрола на групата. За овие правни лица, покрај финансиската документација, во тек е и барање и на друга документација за деловни односи на овие правни лица и на други правни лица поврзани со офшор-компании преку кои биле внесувани и изнесувани незаконски стекнати парични средства. Издадени се наредби за вештачење и по нив се постапува, а ќе бидат издадени и други наредби за финансиски вештачења, поради што постои основан страв дека обвинетиот, доколку биде пуштен да се брани од слобода, ќе влијае на вештачењата“, се вели во предлогот за Панделески.
И за Јосифовиќ СЈО стравува дека може да избега бидејќи обвинетиот на свое име има недвижен имот кој лесно може да го претвори во пари, да се крие подолг временски период или воопшто да се не се врати во Македонија.

Врховниот суд ја прифатил жалбата повикувајќи се на правното мислење кое го утврди на општата седница. Според нивното образложени, по рокот од 18 месеци, СЈО има само две алтернативи, да покрене обвинение или да нареди запирање на истражната постапка.

„Оттука, Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, не било овластено и не можело да поднесува предлози за определување мерка притвор против обвинетиот, како и предлог за продолжување на мерката куќен притвор против обвинетиот бидејќи нема таква стварна надлежност по истекот на 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите од негова надлежност“, се вели во образложението на највисокиот суд.

И тројцата осомничени по приемот на решението веднаш треба да се пуштат да се бранат од слобода. (Ф.Ф.С.)