Мегапрослава за уште една препорака


Александра М. Митевска

Не траеше долго идилата што мнозинството и опозицијата принудно ја постигнаа пред објавувањето на Извештајот на Европската комисија. Нецела седмица подоцна, истиот тој Извештај стана камен на сопнување меѓу некогашните коалициски партнери, откако претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби од ДУИ реши да организира „самит“ наместо вообичаена седница за негова презентација. Тоа, очигледно, ги погоди пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои, штотуку вратени во парламентот спроти објавувањето на Извештајот, се почувствуваа игнорирани од „прославата“, независно од тоа што претходно не покажаа големо воодушевување поради позитивните оценки и препораката од ЕК.

Причината е во тоа што Груби не му оставил простор на поранешниот шеф на дипломатијата Никола Попоски да ја организира презентацијата на Извештајот, преку Националниот совет за евроинтеграции што тој го предводи како пратеник на најголемата опозициска партија. Несогласувањето, всушност, можеше да се реши елегантно со тоа што и двете комисии ќе се собереа на иста маса, како што пратениците од сите партии се собраа во истата сала за да ги гласаат реформските закони. Ама домашната политичка сцена не би била автентична ако не се крева голема врева и за најситни несогласувања.

Овој навидум банален судир меѓу двете комисии, нивните претседатели или некогаш сојузничките, а сега противнички партии е своевидна парадигма за политичките услови и за сфаќањата на главните актери на политичката сцена за приоритетите на државата. Додека Извештајот на ЕК ги третира суштинските прашања во однос на напредокот, исполнувањето на критериумите и демократските процеси во земјава, претставниците на власта и на опозицијата се занимаваат со формата, односно со тоа преку кој форум ќе оди презентацијата на европскиот Извештај во парламентот, натпреварувајќи се меѓусебно кој прв ќе свика седница.

А, всушност, содржината на тој Извештај останува иста независно од тоа дали ќе биде разгледуван во комисијата на Груби или во советот на Попоски. И сеедно во која собраниска сала и пред колку гости ќе се расправа за оценките на ЕК за Македонија, тоа не го менува фактот дека препораката за почеток на преговори не значи автоматски и датум за отпочнување на преговорите. А, со оглед на тоа што препораката за почеток на преговори е некој вид рутина за земјава, со оглед на тоа што почнавме да ја добиваме уште во 2009 година, прашање е каква ли ќе биде прославата во парламентот доколку во јуни добиеме датум за преговори, кога сега Груби за незавршена работа организира мегаседница на матичната комисија.
За волја на вистината, чистата препорака, како што ја нарекува Владата, немаше да биде толку бомбастична вест за Македонија да не беа двете условени препораки во претходните години. Во тоа време, ДУИ беше исто така дел од владејачката постава (но предводена од ВМРО-ДПМНЕ) и имаше свој вицепремиер за европски прашања (како што сега го има Бујар Османи, кој сними „сто“ видеа за величење на европскиот Извештај). И тогаш, како и сега, ДУИ имаше свој претседател на Комисијата за европски прашања, само што во тоа време никој не се „тепаше“ како сега да организира седница за презентација на оценките кои беа далеку од позитивни, особено во делот на политичките критериуми.

И далеку од тоа дека најновиот Извештај на ЕК не е значаен за евроатлантските перспективи на Македонија, особено ако се имаат предвид поповолните оценки за земјава во споредба со другите земји од регионот кои во изминатите години не претекнуваа на патот кон Брисел. Тој Извештај ја враќа земјата на почетната позиција во однос на очекувањата за почеток на преговорите со ЕУ, наспроти уназадувањата во претходните години, што сепак не е за занемарување. Меѓутоа, суштината е во тоа дека оценките и забелешките на ЕК се своевиден патоказ за тоа како треба да се однесуваат во иднина сите релевантни политички фактори во земјава и што сѐ треба да се направи во следниот период за да се заслужи датум за преговори, а потоа и за да се стигне до полноправно членство во ЕУ, што е долг и макотрпен процес. Од тој аспект, вистинската оценка е дека Извештајот е реален и дека моментно нема потреба ниту од негово глорифицирање (од страна на ДУИ), ниту од негово минимизирање (од страна на ВМРО-ДПМНЕ).