МАНУ го дава државното, а ќе го брани своето име


Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) поведе јавна научна расправа за договорот за името и за неговата очекувана потврда на претстојниот референдум. Иако добар дел од академиците, вклучувајќи ги сегашниот и поранешниот претседател на Академијата, Таки Фити и Владо Камбовски, го поздравуваат договорот од Преспа како гаранција за евроатлантското интегрирање, на вчерашната трибина се виде дека во МАНУ има различни ставови по ова прашање, што е, како што беше речено, и очекувано со оглед на тоа што станува збор за болен но неопходен компромис.

Во претходните години МАНУ беше цел на критики во јавноста поради неотворањето расправи и незаземањето конкретни ставови за крупни политички прашања, како лустрацијата – со која беа опфатени и неколкумина академици, а потоа и аферата со прислушувањето од која почна политичката криза во земјава. Но, во однос на договорот со Грција, МАНУ го смени пристапот, независно од разноликоста на ставовите меѓу академиците.
– Сите академици се повикани и можат да учествуваат во дискусијата на оваа научна расправа. Има различни погледи, сфаќања, нека ги кажат и научно нека ги аргументираат. Крајно сме толерантни кон разликите. Јас лично мислам дека договорот е важен и добар. Постигнато е она што беше релевантно за МАНУ – тоа се идентитетските прашања, јазикот, нацијата, културата и тоа се економските придобивки за земјата од склучувањето на договорот – појасни Фити.
На вчерашната расправа во МАНУ, насловена „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евроатлантските интеграции на Македонија“, Фити посочи дека Академијата од самиот почеток, во раните деведесетти години од минатиот век, го следи развојот на проблемот со името. За тоа време, како што посочи, се менувале и ставовите на академиците со оглед на тоа што се менуваа и околностите и условите во кои се водеа преговорите.
– МАНУ има свои ставови за прашањето за името уште од 1992 година до денес, поточно до моментот кога преговорите влегоа во критична фаза. Тие ставови еволуираа со текот на времето. На почетокот велевме името да биде Република Македонија – Скопје… Но, условите се менуваа, а ние и понатаму ги разработувавме, ги аргументиравме во дванаесетина различни обраќања, од кои некои се објавени како цели студии – рече Фити. Тој посочи дека Академијата во претходните години дала голем придонес и за постигнување на Договорот за добрососедство со Бугарија, преку соработката со Бугарската академија.
Стојан Андов упати порака до опозицијата да не влегува во замката на изолација на земјата и на поделба на македонскиот народ.
– Таа политика ја промовира Ѓорге Иванов од 2009 наваму и денес упорно ја спроведува. Сакам да им обрнам внимание и на предводниците на опозицијата, кои се млади и добронамерни, да не ја голтнат јадицата на курсот на изолација на Македонија од западните вредности. За тоа треба Мицкоски добро да подразмисли – рече Андов. Тој посочи дека тие што се против договорот и референдумот не нудат алтернатива за решавање на проблемот. Во врска со најавите на опозицијата дека ќе постигне подобар договор ако се врати на власт, Андов праша со кого би бил постигнат тој договор.
– Со кого ќе прави договор? Со Ципрас не може, тој го направи овој договор. Со ОН не може – и тие го потпишаа овој договор. Со Мицотакис и со Каменос? Тие се нивните партнери, а тие сметаат дека Македонија е грчка и дека името на оваа земја не смее да го содржи тој збор. Затоа сите треба да се свестиме пред што сме исправени – рече Андов.
Шефот на дипломатијата Никола Димитров рече дека тоа што Македонија досега ја користеше референцата ПЈР укажува на незавршена работа, на недовршена државност. Нашата земја, посочи, беше дефинирана според државата на која порано ѝ припаѓаше, а која сега не постои. Патот по кој чекоревме 27 години, оцени, е конечно утврден со договорот од Преспа.
– Земјата не може да биде дел од НАТО и од ЕУ ако не е пријател со државите кои се веќе внатре. Овој договор има големо историско значење бидејќи ние вистински првпат се помируваме како два народа. Договорот е производ на тешки преговори. Дури и две запирки да смениме ќе се скине конецот, едвај го врзавме конецот и од наша и од нивна страна. Историските помирувања се тешки – рече Димитров. Тој ги повика членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ да размислат што значат за нив четирите букви што ги носат за македонската историја.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи рече дека Македонија е всушност Балкан во мало и оти земјата ја нашла формулата како да биде функционална, мултиетничка и мултирелигиозна демократија. Истакна оти основите на ова мултиетничко општество се Спогодбата за стабилизација и асоцијација и Рамковниот договор, двата важни документа потпишани во иста година.

Ќе го смени ли и МАНУ името?
МАНУ ќе се консултира со правни експерти за да утврди дали постои можност за поголема флексибилност во однос на прашањето за преименување на оваа институција, согласно одредбите од договорот од Преспа, најавија вчера актуелниот и поранешниот претседател на Академијата, Таки Фити и Владо Камбовски. Камбовски, во изјава за медиумите, посочи дека во договорот од Преспа се дефинира каде се користи придавката.
– Таа се користи за јавните институции, чиј поим е мошне широко определен и кои вршат јавни функции, но и јавните институции во сферата на културата, образованието, науката. Ова останува предмет за натамошни разговори во духот на едно бона фиде толкување на таа одредба во однос на институции кои се во независната сфера на општеството како МАНУ, поради нивното брендирање во светската, научната и културната јавност. Да можат да го задржат тоа име и придавката македонски – рече Камбовски нагласувајќи оти за ова прашање ќе се разговара со други научни академии.
Претседателот на МАНУ, Таки Фити, истакна дека во членот 1 од договорот во кој се вели дека придавската референца за државата за нејзините официјални органи и другите јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име. Фити истакна оти ова ќе се однесува и на МАНУ и на други институции како што е МРТ, МНТ, МОБ.
– Во многу земји институциите се именуваат со придавската референца на државата – рече Фити и додаде дека во овој контекст МАНУ во претстојниот период ќе изврши консултации со експерти со цел да се утврди дали договорот остава простор за пофлексибилно решение во однос на споменатото прашање.
Премиерот Зоран Заев рече дека во текот на имплементацијата договорот ќе се разложува во детали, вклучително со прашањето за МАНУ.
– Нашиот народ е исправен пред многу сериозна одлука. Духот на договорот, веројатно, во текот на неговата имплементација ќе го разложуваме до најситниот детаљ, вклучително и прашањето за МАНУ. Треба да се знае дека сè што е по линија на новото име, доколку граѓаните го прифатат, ќе се применува по вертикала до крај. Сè што е по линија на идентитетот ќе се применува по линија на идентитетот до крај. Затоа е отворена дебатата. Верувам дека ќе изнајдеме решенија за сите овие прашања. Но, како што со гордост зборуваме дека Грција го призна нашиот идентитет, нашиот јазик и со тоа ги заокруживме идентитетските прашања, редно е да кажеме: да, ние прифативме платформа ерга омнес. Компромисот е направен и денеска го имаме договорот, кој е максимално добар во констелацијата во која живееме. Верувам дека не е можно да се постигне подобар договор од овој што е сега постигнат – рече Заев.

(А.М.М.)