Македонските капиталисти можат повеќе да го полнат буџетот


Бизнис-елитита, купи-продај махерите и оние кои се сметаат за побогати од просекот, на прва го оквалификуваа планот на Владата за воведување повисок данок за повисоките приходи како контрапродуктивен,а со мал буџетски ефект. Опозицијата поентираше: „Ако растат даноците, ќе расте и сивата економија“. Гувернерот на Народната банка, Димитар Богов, оградувајќи се дека не сака да коментира даночна политика која е владина политика, само потсети дека со неа ќе треба Владата да излезе пред гласачите на избори и сугерираше подобрување на јавните финансии преку зафаќање со оние што сега не плаќаат данок.

Бројките, пак, покажуваат дека во структурата на сѐ што се собира како данок, персоналниот данок не стигнува ниту до 20 проценти ( 19,6 отсто во 2016 година). Даночните експерти гледаат можности за поголемо зафаќање кај оние лични приходи што сега се ослободени од оданочување, како и кај многубројните ослободувања што законот ги дозволува. Главно, кај приходите од капитал (дивиденди и различни видови камати) и приходите од капитална добивка (приходи од продажба на хартии од вредност, учество во капиталот и недвижен имот).

Според актуелната регулатива, ослободени од персоналец се каматите на заштедите и приходите од берзански трансакции. Првите, со цел да се поттикне штедењето, а вторите за да заживее пазарот на капитал.

Берзата бара внимателно да се одмерат плусевите и минусите од евентуалното оданочување на приходите од продажба на хартии од вредност. Во последните дваесетина години имаше различни периоди од аспект на третманот на оданочувањето на капиталните добивки од тргување со хартии од вредност. Така, од 2001 до 2005 година тие не се оданочувале, од 2006 до 2010 година постоело оданочување, за потоа од 2011 година до денес ослободувањето од оданочување на овие капитални добивки повторно е во сила.

„Доколку воопшто се отвори ова прашање во рамките на дискусиите околу идната даночна рамка, сметаме дека надлежните креатори на политиките во оваа сфера треба да имаат многу внимателен пристап. Имено, во последниот период берзанското тргување по долгогодишна хибернација конечно добива позабрзана динамика и воведувањето вакво фискално оптоварување ќе се случи во крајно неповолен тајминг, со сигурност најмалку делумно ќе ги одврати инвеститорите од вложување во хартии од вредност и е дефинитивно непожелно“, е став на Македонска берза.

Од Берзата бараат да се води сметка со евентуалните измени повторно да не се направи даночна дисторзија помеѓу вложувањата во сопственички и должнички хартии од вредност, односно пласирање во банкарски депозити. Во секој случај, очекуваме во идниот период во најавената јавна дебата околу овие прашања берзанско-брокерската заедница да добие простор да се произнесе по ова прашање и нејзините ставови да се земат предвид.

Побаравме став и од Народна банка за влијанието на најавеното оданочување на каматите на заштедите, но Централната банка на Македонија не преупати на изготвувачот на регулативата – Министерството за финансии.

Зошто треба да растат даноците, но во точно ограничен сегмент, посебно кај оданочувањето на приходите од капитал и од капитални добивки, објасни Светска банка презентирајќи го редовниот економски извештај за Западен Балкан.

„Едноставен е рамниот данок, но на подолг рок се забележува контрахирање на сите нивоа – потрошувачката, капиталот, инвестициите. Споредбата на нивото на приходите во 2006 со 2016 година покажува намалување на сите ставки на приходи, со исклучок на данокот на добивка и данокот на имот. Кај оданочувањето на капиталот во Македонија, и покрај тоа што реалната стапка е 10 отсто, ефективната стапка е 6,7 отсто, затоа што има повеќе даночни олеснувања, кои се даваат на оданочувањето на капиталот. Споредено со земји од Источна Европа, нивото на даночно оптоварување во Македонија е пониско, со исклучок на Литванија. Во Естонија е 26, Словенија е 20, Словачка е речиси 15, така што, по наша процена, гледаме можност за зголемување на оданочувањето на капиталот“, укажа Бојан Шимбов, од канцеларијата на Светска банка во Македонија.

Анализата на структурата на собраниот персонален данок покажува дека две третини од персоналниот данок се собира од плата, а помалку од 8 проценти се од оданочување на приходите од капитал и од капитални добивки.

Кај 98 отсто од примателите на приходи, 95 отсто им се или од плата или од пензии, а нивото на капитални приходи е минорно. А, ако ги споредиме со најгорните 2 проценти приматели на плата, тука е обратно, платата придонесува само со половина а капиталните приходи се речиси 40 отсто. Значи има значаен диспаритет. Тука, според Светска банка, има можност за дополнително оданочување на тој капитал. Притоа, не се создава притисок на општата економија, на целата популација, туку повисокото оданочување е строго таргетирано.

Светска банка подготвува Студија со конкретни анализи за поединечните случаи на оданочување на капитални добивки, во рамки на техничката помош што ѝ ја дава на владата.

Професорот Абдулменаф Беџети неодамна ни изјави дека кога ќе стартува прогресивното оданочување не би требало во никој случај да има ослободување од оданочување на каматите, посебно не ослободување од персоналец кај капиталните добивки од продажба на акции.

„Секоја година го продолжувавме ослободувањето за да поттикнеме штедење. Во одреден временски период се постигна ефект. Но, последниве четири-пет години ослободувањето продолжува без да има значителен ефект врз штедењето, кое се движи околу 6 милијарди евра. Тоа би требало во секој случај да се оданочува, без одложување. Особено добивките од продажба на акции. Неколку компании имаат големи добивки, не само од аспект на дивиденди, туку и од аспект на зголемување на вредноста на акциите. Десетина компании имаат просечен промет на акциите од 20-30 отсто годишно. А, тоа не се зафаќа. Затоа велам прво треба да се направи прогресивно оданочување кај приходите од капитал. Економски нема да ги демотивира тие што инвестираат на пазарот на капитал, затоа што немаат алтернатива, затоа што никаде нема толку големи добивки како таму. Покрај тоа, тие компании истовремено имаат и добар поврат на нивните инвестиции“, ни изјави Беџети.

 

Во 2016 – 1,5 отсто вработени со плата над 40.000

Анкетата за работна сила за 2016 година покажува дека 10.875 вработени земале над 40.000 денари плата, што е 1,5 отсто од вкупниот број вработени. Меѓу нив, 7.606 се мажи, а 3.269 жени.

Според занимање, меѓу нив, 4.903 се стручњаци и научници, а 2.628 биле членови на законодавни извршни тела, државни функционери, раководни државни службеници, дипломати и директори, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Анита Салтировска