Македонска политичка криза


Никола Поповски

Македонската политичка криза не е акутна ниту е процес, таа веројатно е состојба и тоа состојба која се заканува да биде „нова нормалност“. Колку и де се биде оптимист и да се гледа со розови очила на можните перспективи, се чини дека тоа е залудно. Во нашата земја кога некоја политичка криза се ближи кон својот крај и претендира да се реши, тогаш всушност само се навестува нова политичка криза, која станува поголема и потешка од претходната и паѓа како лавина врз Македонија.

Мислам дека бројот на луѓето што се оптимисти, па дури и умерени оптимисти, рапидно се намалува. Дури и оние што јавно се однесуваат така, длабоко во себе се многу загрижени дека простор за оптимизам нема. Стварноста ги руши и ги демантира на секој чекор. Не значи дека песимизмот станува главна и единствена карактеристика на нашето општество, но тој ниту нè напушта ниту ни дава погрешни сигнали. Грешките и импровизациите се насекаде околу нас. Еден мој познаник јавно се огласи велејќи: „Сè во Македонија е една голема импровизација“.

Сегашната многу болна политичка и општествена криза во постојнава акутна форма се појави некаде на почетокот од 2015 година, иако нејзините корени се некаде длабоко во 2007-2008 година како резултат на мислењето на мнозинството граѓани во тоа време дека на Македонија ѝ е потребно владеење базирано на импровизации и брзи резултати што се уште понереални. Тоа доведе до отрезнување дури по 2015 година со ескалација во 2016 и особено 2017 година, по која следува тензичната 2018 година во која се случи преспанскиот договор. Тој договор претендираше да ја расчисти кризата во и околу Македонија, но тоа што по неговото потпишување тој дефинитивно ја дозакопа Македонија во уште поголема криза можеби и требаше да се очекува.

Излез? Наивните мислат дека тој е тука, на дофат и веднаш зад аголот. Уверен сум дека не е така. Да повторам – политичката криза во Македонија стана состојба на нормалност. Да претпоставиме дека тоа што сега е многу веројатно ќе се случи – уставните амандмани нема да добијат доволна поддршка и со тоа договорот од Преспа, врз кој од страна на актуелната власт почиваше цела надеж и цела политичка конструкција на Македонија во сегашноста и иднината. Времено решение, како и сите досегашни времени обиди да се надмине состојбата на политичка криза, се зборува дека се нови собраниски избори – кој знае кои по ред што се одржуваат пред истекот на четиригодишниот мандат за кој е избрано Собранието. Ако добро се сеќавам, последните собраниски избори што не завршиле со предвремени избори се оние во 1998 година. Пред цели 20 години.

Новите предвремени избори треба да дадат минимум два одговори. Едниот е на прашањето дали политичките партии што се изјаснуваат во корист на преспанскиот договор имаат двотретинско мнозинство гласачи зад себе или тоа го имаат оние што се противници на договорот. За овие последниве е полесно. За нив е доволно да освојат само една третина од гласовите за повторно и веројатно засекогаш да го блокираат договорот и уставната промена на името на државата. Вториот е каква е довербата на граѓаните кон политичките партии и нивните лидери по бурните настани од април 2017 и јули 2018 година.

Мислам дека резултатите нема да охрабрат никого. Зацементираната поделба на гласачите оневозможува некој да добие двотретинско мнозинство. На референдумот околу 600.000 гласачи се изјаснија позитивно за прифаќање на договорот со Грција. Опозицијата ги оспорува овие резултати особено во општините каде што живеат мнозинство Албанци и каде што одѕивот во последните два часа од гласањето нагло и нереално се зголемил. За нив резултатот е поинаков. Колку од нив се подготвени да дадат поддршка и на партиите што го поддржуваат договорот е непознато. Непознато е и колку од оние што од разни причини не излегоа или свесно го бојкотираа референдумот се подготвени да гласаат за сегашната опозиција.

Во очигледно позрелата политичка сцена на Грција договорот од Преспа веќе ја однесе и првата жртва – токму министерот што беше креатор на договорот од нивна страна. Страна која има многу помал удар врз себе од спроведувањето на договорот. Никос оцени дека нема доволна поддршка и заштита од своите и си замина. На нашава страна, врз чиј грб треба да падне целото спроведување на договорот е обратно. Никола оцени дека во борбата во која не се знае кој пие а кој плаќа треба да им се закани на сите, а особено на своите претпоставени, ословувајќи ги како „лидери“.

Власта, особено стожерната владејачка партија, ќе има многу проблеми да го повтори успехот од локалните избори во 2017 година. Не е никаква тајна ниту, пак, дилема дека разочарувањето кон нив е присутно и тоа е двослојно. Едно е од оние што се независни гласачи и лесно флуктуираат кон апстиненција или некоја друга солуција од можната политичка понуда, а второто, иако бројчано понебитно, но суштински поважно, е она од своите симпатизери и членови што се поколебаа или целосно се разочараа. Нивното незадоволство може скапо да ја чини власта, а објективно тие беа оние што очекуваа повеќе, но по разни основи и критериуми „добија“ помалку. Можеби и најмалку. Дополнителен товар на владејачката партија се и прилично скромните перформанси од доминацијата во општините каде што повеќе се зборува за невештост, неукост и немоќ, па дури и продолжување на „приказните од претходното владеење на забеганите градоначалници“ на тогашната централна и општински власти, одошто за некаков резултат.

Сериозно прашање за владејачката партија ќе биде и можноста повторно да привлече гласачи од албанската заедница, а токму тие на последните избори нив ги доближи до резултатот на тогашната владејачка партија. Без тие гласови ризикот за нив е зголемен. Постојат и други предизвици.

Опозициската партија има многу поголеми маки. Таа е соочена со хронична политичка дезориентираност, можна дополнителна внатрешна екстремизација, многу сериозна и прилично можна меѓународна изолација, со постапно и се чини непријатно завршување на низа судски процеси против нивните најистакнати членови што може да донесе и финансиски проблеми на партијата, со губење на и онака намалениот углед заради низата коруптивни и насилни скандали од кои упорно не се оградува, со отворени внатрешни несогласувања и со намален коалициски капацитет да привлече други партии. Секако, постојат и други проблеми. Во такви услови предвремените избори на кои тие сакаат на голема врата да се вратат можат да се претворат во нивно губилиште. Сепак, партијата има и една предност, а тоа е прилично верно и непоколебливо членство кое е спремно да истрпи сè од горе наброеното и пак да ги гласа на избори.

Во такви услови обидот за времено запирање на кризата може да се претвори во нова агонија од која новите скромни надежи ќе се изнедрат дури по неколку години. А светот неповратно се движи по својот утврден пат.