Културните работници пресекоа: Нема веќе простор да се уништуваме


Под мотото „Култура е насловна страна на секое општество“, претставници на независните културни работници, како и претставници од националните институции од областа на културата бараат итна средба со премиерот Зоран Заев, со неговата советничка за култура Цветанка Ласкова, како и со министерот за култура Асаф Адеми и Националниот координатор за култура Роберт Алаѓозовски.

„Култура е насловна страна на секое општество“ е всушност стих од легендарната песна „Култура“ на кавадаречкиот бенд од осумдесетите години „Токму Така“. Обединети зад ова, културните работници велат дека веќе нема простор за одложување, за културата мора да се погрижат сите, вклучувајќи ја и Владата.

Тие бараат целосна ревизија на сите проекти поддржани и одбиени согласно годишната програма за финансирање на проекти од национален интерес при министерството за култура. Апелираат да се постават нови и јасни мерливи критериуми за оценување и одлучување за тоа какви проекти ќе добиваат државна поддршка. Додаваат дека потребно е и зголемување на буџетот за поддршка на културните и уметничките програми. На крај, велат дека приоритетно е финализирањето и ставањето во функција на новиот Закон за јавен интерес во културата.

– Немаме веќе простор, ниту милиметар, за да си ги нервираме најталентираните луѓе, децата кои живеат и работат тука и кои ни се единствената надеж да направиме нешто добро. Зошто Влада што има реформски карактер и се залага за европски вредности сака да ги стави во ваква позиција највлијателните и најевропски ориентираните луѓе и организации – запраша Мирко Попов од ПМГ Рекордингс и додаде дека неговата продукциска куќа веќе трета деценија работи самостојно и досега има издадено 200 музички изданија од различен жанр, затоа повремената поддршка од државата на ваквите организации им е од голема важност.

Според Попов, проблемот со распределбата на државните пари за поддршка во културата не го гледа само во министерот за култура, туку во целата Влада.

Билјана Тануровска – Ќулавковски од невладината „Локомотива“ посочи дека ваквата распределба на парите е симптом на повеќегодишните случувања во културата.

– Потребен е посериозен третман, евалуација и валоризација на сите културни работници. Во однос на поддршката од министерството во гидшната програма, треба особено да се обрне внимание на одбиените и на поддржаните со недоволен износ кои доставиле комплетна документација, комплетна програма и се издржани проекти, а се познати и признати на домашен и на меѓународен план – вели таа.

Виолета Качакова пак ја појасни важноста ја итно финишпирање и ставање во функција на новиот Закон за јавен интерес во културата. Таа кажа дека биле и активно вклучени со забелешки, сугестии додека се подготвувал текстот на предлог-законот.

– Активно и несебично го споделувавме нашето знаече и коментри во врска со новиот закон. Иако и министерот неколкупати кажа дека тој закон е приоритет во неговиот мандат, се уште немаме никаква информација до каде е процедурата. Последен пат, во декември минатата година разговаравме на оваа тема – рече Качакова.

Рисима Рисимкин како претставник на „Танц фест“ и танцовиот театар во Скопје укажа на потребата од јасни критериуми и одговорност при поддршката на проекти.

– Мора да има исти критериуми за сите, за да се избегнат сите малверзации и неправилности во распределбата на средствата. Распределбата, рече, не смее да биде по случаен избор и во случајни околности, туку според претходно утврден, воспоставен систем – рече таа.

Покрај ,Локомотива – Центар за нови иницијатива во уметноста и културата, Театар на Навигатор Цветко Кино Култура – проектен простор за современи изведувачки уметности и култура, Факултет за работи што не се учат (ФРУ)/АКТО Фестивал за современи уметности, Интерарт културен центар – Танц Фест Скопје и Скопје танцов театар, ПМГ Рекордингс., поддршка на иницијативата даваат и претставници на националните институции од областа на културата.

Ивана Настеска