Кој нè стави пред свршен чин за гасоводот?


На Водно деновиве багерите мируваат, но тоа не значи дека темата го изгуби вниманието на јавноста. Екологистите, но и граѓаните и понатаму будно го следат секој чекор што се презема на сртот на планината. Изградбата на делницата на магистралниот гасовод за Западна Македонија е запрена, но тоа ни малку не го намалува стравот колкава ќе биде штетата ако се продолжи по истиот терен.

Јавноста е мобилизирана, а главната цел е заштита на парк-шумата од безумието што ѝ се случува веќе деценија и половина. Откако цела населба со десетици висококатници се насели на дното на падините на Водно, планината се соголи и заради изградба на патот кон Сончев Град. Се градеа и кулата на АЕК и „Милениумскиот крст“, а и жичницата, која, колку и да придонесе скопјани на полесно да стигнат до врвот на Водно, сепак предизвика сеча на значајна површина зеленило.

Имаше и замисли за проекти, како на пример скијачките патеки, кои исто така се закануваа да посегнат по вегетацијата и да го нарушат природното живеалиште на животинскиот свет, но за среќа не ја дочекавме нивната реализација. Идејата за изградба на гасовод по сртот на планината е последна во низата која, според пресметките на екологистите, ќе уништи двојно повеќе дрвја од сите погоре набројани проекти.

И тука треба да се запрашаме, дали навистина изградбата на гасоводот низ Водно ќе ни беше толкав проблем ако претходно сите други и не толку важни објекти се сместеа некаде на друго место, а не во парк-шумата. Ќе излезе ли дека гасоводната траса е колатерална штета на стравот дека, ако дозволиме уште педа зеленило да снема, на овој град ќе му потпишеме смртна пресуда?

Оттука, јасен е поривот на граѓаните Водно да се брани од секоја ваква идеја, колку и да е оправдана. А се согласуваме, секако дека гасоводот е еден од најважните инфраструктурни проекти кои во моментов ни се потребни. Не смееме да го одложуваме, напротив, гас требаше да имаме до секој дом многу одамна.

Упорноста на екологистите го поттикна градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, да повика на дебата на која главна тема ќе биде трасата на гасоводот. Дали смее да се копа по Водно или треба да се почне од почеток и да се разгледаат алтернативните траси на северната страна на Скопје? Главната дебата веројатно требаше да се случи пред 2016 година, кога било донесено одобрението за градба и паднала конечната одлука дека од сите понудени траси одговара само Водно. Изненадува податокот дека во ноември 2015 година била отворена јавна расправа за проектот, кој тогаш предвидувал една главна и четири алтернативни линии на движењето на магистралната делница. Но, тогаш, ниту една невладина организација не присуствувала, па јавната расправа била затворена веднаш, без ниту еден пријавен за збор, со ниту една забелешка за проектот.

Проектот очигледно бил добро сокриен од очите на јавноста, бидејќи се појави како од ведро небо, пред неколку месеци, откако веќе е влезен во изведбена фаза и со преземени финансиски обврски пред меѓународни институции. Неспорно дека кај јавноста има премногу отворени прашања и дилеми, а институциите имаат обврски да ги одговорат и да ги разрешат. Но, останува и прашањето дали не е доцна сега да почнуваме дебата? Особено што и да се одлучиме за сосема нов проект и траса, штетата сега ќе биде помеѓу 10 и 20 милиони евра, а ќе се изгубат и најмалку пет години во административни процедури.

Можеби, во моментов, наместо да се обидуваме да ставиме на вага што е поважно, Водно или гасоводот, што е поеколошко или поголемо добро за граѓаните, да побараме одговорност околу тоа кој нè стави пред свршен чин, го сокри проектот и не дозволи дебата и ревизија во вистинското време.

Сања Наумовска