Коѕијас-Силурис разговарале за името: „Сакаме Грција да има помалку проблеми”


Спорот со името заедно со кипарското прашање биле главните теми за кои разговарале шефот на грчката дипломатија и претседателот на кипарскиот Парламент, на нивната средба во грчкото МНР.

Ова, како што јавува дописникот на МИА од Атина, го откри Димитрис Силурис на неговиот твитер профил.

– Средба со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас. Добра можност за размена на мислења за темите што ги засегаат Кипар и Грција. Во фокусот кипарското прашање и прашањето со Скопје, напиша на Твитер претседателот на парламентот на Кипар.

Во интервју за грчката државна новинска агенција АПЕ-МПЕ, Силурис одбива да даде став или коментар во врска со прашањето за името.

– Прво да кажам дека ние не можеме да одредиме што треба и што сака да на прави Грција во однос на ова прашање. Нашата соработка со Грција и нашата поддршка за Грција, но многу повеќе поддршката на Грција за Кипар е безвременска. Ние сакаме Грција да биде со помалку проблеми и колку е можно посилна. Затоа, особено во оваа клучна фаза, нема да заземам став за било која точка или параметар што се однесува на разговорите за решавање на проблемот, вели Димитрис Силурис.