И за детето на Јанкулоска треба правна држава


Фросина Факова-Серафиновиќ

Жената што девет години беше на чело на полицијата и која за време на владеењето на Никола Груевски беше една од најмоќните, наредувајќи апсења на политичките неистомисленици, е осудена на шест години затвор за „тоа на М“ – како што го нарекуваше „мерцедесот“ од 600.000 евра во прислушуваните телефонски разговори.

Јавноста не ја виде нејзината реакција при изрекувањето на пресудата бидејќи во моментот таа беше на друго судење. Во текот на своето министерување покажа бескомпромисност, а во судница во ниту еден момент не покажа слабост. Кога случаите на Специјалното јавно обвинителство влегоа во судница, Јанкулоска остана трудна, а во јуни го роди синот. Токму тој ја покажа ранливоста на ексминистерката, која не можеше да се воздржи пред судијката кога објаснуваше дека морала речиси секој ден да биде во суд иако нејзиното бебе има само неколку месеци. Дел од јавноста е задоволна што правдата конечно ги стигна поранешните функционери кои, како што вели Кацарска, ги потцениле и ги омаловажиле граѓаните со своите постапки. Но има и такви што не се рамнодушни кон солзите на Јанкулоска. Тоа ја покажува хуманата димензија, колку луѓето може да простат и да покажат сожалување, особено кон мајка на неколкумесечно бебе на која ѝ се заканува затворска казна и против која се водат неколку судски случаи и за потешки кривични дела.

Јанкулоска и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески се поранешни министри кои биле најмногу прислушувани. Нивните гласови беа во речиси сите телефонски разговори што беа јавно објавени. Токму во тие разговори Јанкулоска дава дијагноза за партијата што десет години владееше во Македонија и ја предвидува иднината на високите функционери од поранешната власт. Се согласува со своите најголеми политички непријатели „комуњарите“ дека се навистина забегани, а на својот пријател Ставрески му вели „вака како што тргнало, сите ќе завршиме во затвор“. Но гневот на граѓаните најмногу го навлече со навредите што ги упати кон Ромите и кон луѓето од Пустец, кои беа донесени за да гласаат на избори. „Циганите за уши ќе ги вадиме и ќе ги носиме на гласање“, „Човечињава од Пустец за рака фатени си гласаат“, „Индијанци бе Индијанци, што да ти кажам“, вели Јанкулоска во еден од разговорите мислејќи на Албанците.

Јавноста пред сè не може да ги заборави големите полициски акции во кои пред телевизиски камери се апсеа и се жигосуваа нечии семејства и се менуваа човечки судбини. Фразата по која Јанкулоска ќе остане запаметена додека беше на функција и додека ги прекршуваше надлежностите дека „МВР работи според Уставот и законите“, но и уште пославната –„ВМРО-МВРО“. Сега и низ нејзината пресуда Македонија треба да покаже дека конечно и кај нас ќе почнат да важат Уставот и законите и сите што ја изиграле довербата на граѓаните ќе одговараат. Граѓаните очекуваат конечно да видат правда не само за високите функционери од минатата власт, туку и оваа власт да ги исполни ветувањата што ги даде пред граѓаните околу владеењето на правото.

На крајот на краиштата, и за детето на Јанкуловска ќе треба правна држава. Поранешниот премиер Никола Груевски веќе е правосилно осуден, но упатниот акт за во затвор сè уште не стигнал до него. Апелацискиот суд сè уште ја пишува пресудата. Со оглед на тоа што поранешниот премиер Владо Бучковски, иако беше правосилно осуден ја изигра правдата и не одлежа ниту еден ден во затвор, сè додека Груевски не заврши зад решетки пресудата не е вистински правосилна. Секако дека треба да се испочитуваат сите процедури кои ги предвидуваат законите, но овие процедури не треба да се злоупотребат за политички пазарења.