Интервју – Ана Софреновиќ, српска актерка: Преку улогата на Зојка се изразувам на повеќе начини


Зојка е жена која не избира средства за да опстане во животот сè додека не дојде моментот кога истото време ќе ја совлада и ќе ја потсети дека ниту еден човек не е поголем од времето во кое живее. Со овие зборови српската актерка Ана Софреновиќ го опишува ликот на Зојка во претставата „Зојкиниот стан“ од Булгаков, а во режија на Наташа Поплавска.

Претставата една година го полни салонот во Белградско драмско позориште, а македонската публика ќе има можност да ја погледне на 4 декември во Македонскиот народен театар. Улогата на Зојка, всушност, ја врати Софреновиќ на театарска сцена по неколку години.

Со претставата „Зојкин стан“, практично се вративте по долго време на театарските штици. Какво е чувството? Што работевте во меѓувреме?

Во право сте, по осум години се вратив на сцената на репертоарен театар во Белград. Средбата со театарската публика и со моите колеги, кои сите овие години се развиваа само на театарската, филмската и телевизиската сцена, ми е многу драгоцена, бидејќи јас во последните 13 години интензивно се занимавав со истражување на гласот и на интердисциплинарниот перформанс. Со овие истражувања најмногу се занимавав во Америка, каде што соработував со уметници од њујоршката експериментална сцена, но соработував и со многу уметници и изведувачи кои ги интересира современиот сценски израз, импровизацијата и интердисциплинарноста во изведувачките уметности во Србија и во Европа. Истовремено, се развивав и како филмска актерка играјќи во неколку играни филма, но постојано развивајќи се себеси и како уметник и автор работејќи на сопствени проекти во Србија и во странство.
Една година по премиерата во Белград, како е прифатена претставата од страна на публиката?

Претставата многу добро е примена од публиката и имаше убави и впечатливи критики. Театарскиот салон е полн веќе цела сезона, а има и публика која повеќепати доаѓала да ја види претставата.

Режисерката Поплавска има едно поинакво читање на овој текст од Булгаков. Каков беше процесот на работа?

Наташа Поплавска на многу интересен начин му пристапи на режисерското поставување на текстот на Булгаков поигрувајќи со жанровите и со возбудливите сценски решенија, што за актерите секогаш е убав и голем предизвик. Процесот на работа мене ми беше многу близок бидејќи го сакам современиот израз како во изведбата така и во самото поставување на текстот. А најдраго ми беше што овој пат стануваше збор за класичен театарски текст за еден од најтешките периоди во Русија на почетокот на 20 век. Сметам дека тоа беше многу храбра режисерска постапка поради што ми беше големо задоволство да ја прифатам улогата на Зојка.

Секоја улога носи своја тежина. Како ја опишувате вашата Зојка?

Зојка е жена која е вистинска рефлексија на тоа време и ја претставува онаа група луѓе кои во сите времиња се снаоѓаат на секаков можен начин, притоа не избирајќи средства да опстанат во животот, сè додека не дојде моментот кога истото време ќе ги совлада потсетувајќи ги дека ниту еден човек не може да биде поголем и помоќен од времето во кое живее.

Во оваа претстава доаѓаат до израз многубројни ваши таленти, актерски, музички… Колку ваквите проекти се предизвик за вас?

Секогаш уживам во проектите во кои можам да се изразам на повеќе начини. Низ целата моја кариера тежнеам кон проекти кои ми овозможуваат што посеопфатен израз во однос на талентите кои со години подеднакво ги развивам, константно развивајќи се себеси како изведувач паралелно со мојата друга уметничка работа.

Македонската публика ве препознава по многубројните филмски улоги, како што се Ана во „Буре барут“ од македонскиот драматург Дејан Дуковски или како Јелена во „Убиство со премисла“. Кое е вашето последно филмско остварување?

Моето последно филмско остварување е улогата на мајка во филмот „Децата од улицата Маркс и Енгелс“ на црногорскиот режисер Никола Вукчевиќ. Во филмот одиграв улога на жена со трагична судбина во две доби од нејзиниот живот, во 30-тата и 50-тата година од животот, која за мене претставуваше симбол на женската снага и одлучност во тешки времиња како на личен така и на општествен план.

Која е разликата во играта на филмско платно и на театарска сцена? Што е поголем предизвик за вас – филмот или театарот? Каде следно можеме да очекуваме да ве видиме?

Според мене, разликата во играњето на сцената и на филмското платно е во самиот актерски израз и во средствата. Театарската сцена од актерот бара моќ на мислата, интензитет и снажна постапка, додека филмот бара природност и прецизност во толкувањето на вистинитоста на ликот што го игра. И едното и другото се големи предизвици, поради што се обидувам подеднакво да ги развивам низ целата моја кариера. Во моментов работам на развојот на неколку проекти во странство, но никогаш не го губам контактот со нашата сцена и секогаш ми е важно своето присуство, колку и да е тоа можно, да го распоредам подеднакво на сите културни сцени на кои веќе со години сум присутна.

Ивана Настеска
Фото: Емил Петро