Избори се ближат, претседателски амбиции се нижат


На 12 овој месец претседателот Ѓорге Иванов ќе почне да ја троши последната година од неговиот втор мандат, откако четиригодишнината од неговиот реизбор на функцијата (на 27 април 2014 година) ја одбележа со нов кохабитациски преседан – предлагајќи Димитар Богов да добие уште еден гувернерски мандат. Со оглед на тоа што шестите претседателски избори во земјава треба да се одржат во последните 60 дена од мандатот на досегашниот шеф на државата, политичките партии почнуваат со подготовки за натпреварот што ќе го исцрта расположението по смената на власта на „Илинденска“ и на локално ниво, како и по смената на кормилото во ВМРО-ДПМНЕ.

Првичните ангажмани на партиите се насочени кон приспособување на изборната регулатива, така што планот е од септември да почнат да се применуваат новите правила, а ДИК да почне да функционира според нов концепт и во нов состав – како административно тело во кое партиите ќе делегираат свои набљудувачи шест месеци пред редовни избори. Паралелно, во политичките кругови постепено почнува да се лицитира со можните кандидати за претседател, иако лобирањата ќе се засилат кон крајот на летото, затоа што домашниот политичкиот фокус е моментно насочен кон Брисел, во очекување на состанокот на Европскиот совет и на Самитот на НАТО.

Со оглед на досегашното искуство, кое покажа дека владејачката партија е секогаш во поповолна позиција кога се избира шеф на државата, меѓудругото и поради поголемиот коалициски потенцијал, неофицијалните информации говорат дека во таборот околу „Бихаќска“ постојано се зголемува бројот на претенденти за претседателската функција. Стево Пендаровски, кој беше кандидат на СДСМ во 2014 година и помина релативно добро, и овој пат важи за едно од посериозните можни решенија за претстојните избори, доколку социјалдемократите не решат да одат со „тврдо“ партиско решение. Во таков случај, пак, не се исклучува можност во претседателската трка да се вклучи министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

На неодамнешната собраниска седница за интерпелација против Владата, поранешниот премиер Никола Груевски дури и го „промовираше“ актуелниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, како претендент за претседателската функција. Сепак, соговорници од СДСМ велат дека изјавата на Груевски е повеќе политичка провокација и влечење аналогија со преселбата на Бранко Црвенковски од премиерската на претседателската функција во 2004 година, отколку што Заев би имал амбиција за трансфер од „Илинденска“ на Водно.
Како претенденти за претседателска кандидатура од владејачката партија се споменуваат исто така вицепремиерот Кочо Анѓушев и шефот на дипломатијата Никола Димитров, како и неколкумина бизнисмени, меѓу кои и Трифун Костовски.

Затоа, пак, многу помала е конкуренцијата во таборот на ВМРО-ДПМНЕ, каде што моментно се преокупирани со внатрепартиски превирања и престројувања. Меѓудругото и поради проценките дека со заминувањето на Иванов од претседателската функција ќе заврши периодот на кохабитација за СДСМ, засега во опозициските кулоари како можен кандидат за шеф на државата се споменува Трајко Славески, универзитетски професор и поранешен министер за финансии. Тој, по заминувањето на Груевски од кормилото на ВМРО-ДПМНЕ, се врати на потпретседателската функција во партијата.

Проценките се дека, и покрај досегашната извесност на претседателските изборни циклуси, претстојните избори ќе претставуваат голем тест и за СДСМ и за ВМРО-ДПМНЕ, па и за партиите од албанскиот политички камп кај кои имаше најголеми престројувања за време на изборите во 2016 и 2017 година. Од тој аспект, не се исклучува можност за заеднички настап на СДСМ и на ДУИ како партнери во владејачката партија, со оглед на договорот за соработка што двете партии го имаа за локалните избори, а откако интергративците првпат го добија спикерското место во парламентот. Исто така, пред последните претседателски избори ДУИ инсистираше на консензуален кандидат со ВМРО-ДПМНЕ и не се вклучи во претседателската трка откако не беше прифатено нејзиното барање.

Се оценува дека ниту за СДСМ ниту за ВМРО-ДПМНЕ не е сеедно со каков профил на кандидат ќе истрчаат на претседателските избори кои, всушност, ќе бидат увертира во парламентарните избори, кои во редовен термин треба да се одржат кон крајот на 2020 година. На номинациите секако ќе влијае и исходот од политичките процеси што престојат, пред сѐ од летните самити на ЕУ и на НАТО. Потоа, најавите се дека на дефинитивниот избор на кандидатите ќе престојат внатрепартиски дебати и повеќе анкети за рејтингот на претендентите за претседателската функција.

Александра М. Митевска