Избори не се најдобар избор
Александра М.Митевска
Владејачката постава на „Илинденска“ е во искушение: дали да ја прифати (блеферски) фрлената ракавица од ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори и со сите капацитети да влезе во двојна кампања? Или да ги насочи своите потенцијали кон реформите, кои стануваат приоритетни за процесот на европската интеграција откако е завршена домашната задача во делот на уставните измени, и, секако, кон економијата, која, нели, беше посочена како главна обврска во 2019 година?
Кога овие две алтернативи ќе се стават на кантарот на државните интереси, јасно е дека ќе натежне онаа која ги исклучува предвремените избори како опција за заокружување на реформскиот процес, особено во ситуација кога имплементацијата на преспанскиот договор не е се уште завршена работа. Иако позитивниот расплет со донесувањето на уставните измени навестува среќен епилог на политичката драма што во Македонија почна да сe развива уште за време на референдумот, треба да се имаат предвид превирањата што сега се преселија на грчка страна, како и фактот дека допрва треба да се почувствуваат ефектите од спогодбата со Атина.
Никогаш не е доцна за вонредни парламентарни избори, но сега е рано за тоа. Тие може да се распишат и откако Македонија ќе го осигура членството во НАТО и ќе ги почне преговорите со ЕУ, како процеси што на владејачката гарнитура ќе ѝовозможат дополнителна контраргументација на тезите за предавство со кои сега настапува опозицијата во контекст на промената на името.
Впрочем, нема да биде ни крај на светот ако еден парламентарен состав во Македонија, по повеќе од една деценија константно преживување на државата во атмосфера на кампања, конечно го истера целиот четиригодишен мандат. Никаде не пишува дека заедно со редовните претседателски избори мора да се одржат предвремени парламентарни избори, освен ако единствената цел е да се осигура постигнување на цензусот во одлучувачкиот круг за шеф на државата. Сепак, еден ваков преседан, каков што беше направен во 2014 година, не смее да прерасне во системско решение така што секој нареден циклус претседателски избори ќе се врзува со предвремени парламентарни избори.
Отворање дебата за намалување на високиот цензус за избор на претседател или за негово бришење, согласно со препораките на Венецијанската комисија, е многу поелегантно решение за проблемите со мобилизацијата на гласачите за време на изборите и со широко отворениот простор за разни политички пазарења за подигање на одзивот, како и so константниот ризик од бојкот. Во меѓувреме, успешната етапа со уставните измени и очекуваните придобивки од преспанскиот договор, како и искрената посветенoст на реформите, владејачката партија може да ги искористи како аргументи за подигање на мотивациjата на граѓаните за гласање на редовните избори за шеф на државата.
Македонија тешко ќе се врати во политичка нормала ако и оваа владејачка гарнитура влезе во спиралата на Никола Груевски, кој сите малку поголеми предизвици ги решаваше преку предвремени избори. На таков начин, претходната гарнитура на „Илинденска“ се одржуваше и го продолжуваше престојот на власт, ама константниот популизам ја чинеше државата и назадување на патот кон Брисел.
Предвремени парламентарни избори нема да значат само минимум 50-дневна блокада на работата на законодавниот дом, а потоа и дополнително време за конституирање на нов собраниски состав и за избор на нова влада. Вонредни избори за пратеници, во овој момент, можеби, ќе му обезбедат постабилно мнозинство на СДСМ во Собранието, но со нивно евентуално распишување се ризикува нестабилност на отпочнатиот процес за враќање на Македонија на европскиот колосек.
Затоа, од најголемата владејачка партија сега се очекува повторно да ги стави во преден план интересите на државата, наместо да влегува во сценарија на опозицијата, која и во изминатите месеци, со своето однесување кон пресапанскиот договор и неговата реализација, се прикажа себеси како кочничар на евротлантските перспективи на државата. Можеби и затоа ВМРО-ДПМНЕ сега бара избори – за процесите и натаму да се одолговлечат, а не затоа што е толку убедена дека ќе излезе како победник. Впрочем, и легитимно е една опозициска партија да бара вонредни избори, но тоа не значи дека владејачката гарнитура е приморана да излегува во пресрет на сите барања, особено ако тие се во колизија со клучните политички процеси што се одвиваат моментно во земјата.
И СДСМ, на времето, додека беше во опозиција, редовно бараше предвремени избори, ама владата на ВМРО-ДПМНЕ ги распишуваше кога на неа ѝ одговараше. И СДСМ, како опозиција, најавуваше сигурна победа, но дури и на изборите во 2016 година заврши со двајца пратеници помалку од ВМРО-ДПМНЕ… Затоа, наместо да прави математики за двојни избори, владата треба да го искористи сега моментот за заокружување на целите што беа поставени со потпишувањето на договорот од Преспа. Затоа што прашање е дали и кога Македонија ќе се најде во фокусот на идниот состав на Европскиот парламент, што ќе се избира во мај годинава, а потоа и на новиот состав на Европската комисија. И колкава тежина, во новата констелација на односи во ЕУ, ќе имаат постигнаттите договори за надминување на проблемите и со Грција, но и со Бугариј, како и реформите што се преземаат на домашен план согласно со препораките на Рајнхард Прибе.