Иванов се инаети со парламентот


Претседателот Ѓорге Иванов ставил вето на 11 закони што ги донеле пратениците – дел од нив реформски и изгласани со консензус. Причина за тоа, најверојатно, е што на нив стоело новото име на државата – Северна Република Македонија. Овие закони сега треба да одат на повторно гласање во парламентот и за нив треба да се обезбедат миниму по 61 глас, по што Иванов би бил обврзан да ги потпише за тие да можат да стапат во сила. Сепак, неивесно е дали шефот на државата ќе го направи тоа, со оглед на искуството со законите за употреба на јазиците и за ратификација на договорот од Преспа за кои употреби т.н. апсолутно вето, иако тој механизам не е предвиден со македонскиот Устав, така што на крајот тие беа објавени во „Службен весник“ без негов потпис.
Како што соопштија од Собранието, Иванов ги вратил деновиве шестте закони што биле донесени на 28 февруари, набрзо по стапувањето на сила на уставните амандмани што произлегоа од Преспанскиот договор, по што почна поставувањето на новите табли на институциите и нивното преименување. Меѓу нив е и Законот за ратификација на спогодбата меѓу владите на Македонија и Романија за соработка во областа на образованието, науката, културата, мас медиумите, младите и спортот. Оваа спогодба, всушност, е ратификувана во нашиот парламент пред заминувањето на премиерот Зоран Заев во Романија, како земја претседавач со ЕУ, а каде што присуствуваше на почетокот на постапката за ратификација на протоколот за членство на земјава во НАТО. Спикерот Талат Џафери денеска исто така оди во Романија, за да присуствува на ратификацијата на протоколот, но и тој ќе мора да отпатува без важечка спогодба меѓу двете земји.
Иванов не ги потпишал и измените во законите за ОТА, за служба во АРМ, за едношалтерски систем и за водење трговскиот регистар и регистар на други правни лица. Без претседателски потпис останале и законите за електронски комуникации, за продажба и давање под закуп на деловни згради и деловни простории.
Дел од овие закони влегле во собнраниска процедура пред стапувањето на сила на уставните амандмани, така што, на пример, спогодбата со Романија од наша страна е со името Република Македонија, како што е случајот и со законот за служба во АРМ. Но, и покрај тоа, шефот на државата не се откажал од колективното вето.
Исто така, Иванов ги вратил во Собранието законите што биле донесени на 4 и на 6 март. Станува збор за измени во законите за додадена вредност, за користење и располагање со стварите во државна и во општинска сопственост, за задолжување на Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој-Светска банка. Вратени во парламентот се и законите за субвенционирање станбен кредит и за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Од кабинетот на Иванов не се огласија вчера околу најновата блокада што шефот на државата ѝ ја приреди на законодавната власт, која сите неопходни регулативи треба да ги донесе до 1 април, односно пред стартот на изборната кампања. Указите на следните закони што ќе ги носи парламентот потоа ќе ги потпишува новиот претседател што се очекува да биде избран на 5 мај, додека мандатот на Иванов истекува седум дена подоцна.
Според образложението што го доставил до Собранието, Иванов не ги потпишал указите на законите бидејќи во извршувањето на функцијата, секогаш постапувал согласно дадената свечена изјава дека ќе го штити Уставот и, како што навел, ќе ги брани интересите на „Република Македонија“. Како што соопштија од парламентот, вчера истекол рокот и за прогласување на три реформски закони што беа донесени со консензус минатата седмица. Тоа се законите за судови, за управни спорови и за прекршоци, што се изгласани со двотретинско мнозинство, така што, според Уставот, шефот на државата е обврзан да ги потпише, односно нема право на вето.
Минатата седмица,пак, од „Службен весник“ соопштија дека во иднина нема да објавуваат одлуки и укази кои се неуставни, затоа што на нив стои старото име на државата. Причина за таа реакција, беше последната објава на неколку укази на одлуки на Иванов за унапредувања и именувања во армијата, како и за испраќање воени претставници во НАТО и во Париз, што беа заведени со старото име на државата. Иванов, исто така, одбива да ја смени таблата на неговата резиденција, каде што стои сѐ уште името Република Македонија, иако повеќето други институции од поодамна поставија нови табли, а први тоа го направија парламентот и владата. (А.М.М.)