За сите ученици со попреченост треба да има асистенти


Колку образовни и лични асистенти ќе бидат ангажирани во училиштата ќе се знае откако ќе почне учебната година. Од Министерството за образование и наука велат дека сè зависи од барањата на родителите, кои треба да се достават до Министерството од страна на училиштата. Подвлекуваат дека работат на реформирање на целокупниот образовен систем. Во процедура е изготвување на втората верзија на предлог-законот за основно образование, а се работи на подготвување измени на Законот за средното образование, со цел да се даде што е можно по квалитетно законско решение за сите отворени прашања, како и да се подигне што е можно повеќе квалитетот на образовниот систем.
„Се знае дека програмата за асистенти (образовни и лични асистенти) е креирана да им се помогне на децата со посебни потреби при усвојување на наставниот процес, а во исто време да им се олесни и на наставниците во работата со реализирање на наставата. Министерството за образование и наука стои зад ветувањето дека ова прашање треба да се реши и во законските рамки. Личните асистенти не учествуваат во наставата, тие ги придружуваат учениците од дома до училница и обратно. За образовните асистенти треба да има барање од страна на родителот или старателот, како и соодветно стручно мислење“, велат од МОН.
Од Министерството додаваат дека лани во 60 училишта, распоредени во 18 општини низ земјава, ангажирани биле 140 образовни и 34 лични асистенти.
Проблем што се провлекува низ годините е потребата од повеќе образовни и персонални асистенти во основните и средните училишта за да можат да ги опслужат сите дечиња што имаат интелектуална попреченост или телесен инвалидитет. Од Национална алијанса за инклузивно општество „5 до 12“ забележаа дека не е соодветно со децата кои имаат попреченост да работат асистенти од УНДП кои според нив не се стручни. Истакнаа дека решавањето на проблемите оди бавно, побараа инклузијата да биде ставена како приоритет во реформите во образованието, а неопходно е и вработување на дефектолози.
„Независен весник“ неодамна пишуваше за проблемот што настанал околу ангажирањето персонален асистент за синот на Горан Стојчески кој има девет и пол години, а во јуни детето завршило трето одделение. Таткото раскажа дека на неговото дете му е потребен персонален асистент додека е на настава и кога се движи во училиштето бидејќи има телесен инвалидитет. Иако поднел барање до училиштето да ангажираат персонален асистент за учебната година што измина, тоа не се реализирало. Стојчески објасни дека за сето тоа било виновно училиштето зашто не го доставило навреме барањето до скопската Општина Кисела Вода.
„Конкурсот беше распишан,сите барања што стигнале навреме добија позитивен одговор. За децата со попреченост беше обезбеден асистент. Очекувам од септември моето дете да добие личен асистент. Мора да се определуваат асистентите во соработка со родителите на децата, од два аспекта: заради потребите и заради големината на децата“, вели Стојчески. Таткото раскажува дека додека го потпишувал барањето од училиштето му било сугерирано да напише дека неговото дете има потреба од образовен асистент.
„На син ми му треба личен асистент бидејќи кадар од таков профил одговара за неговите потреби, му треба придружба при движењето низ училиштето“, објаснува Стојчески.
На малиот Александар да се движи низ училиштето му помагал неговиот брат, а кога имал потреба да оди во тоалет вработени од училиштето му се јавувале на таткото да му помогне на синот. Горан е задоволен зашто во подрачно основно училиште „Рајко Жинзифов“ во населбата Пинтија има адаптиран тоалет кој можат да го користат деца со инвалидитет.
Додека Министерството ја подготвува втората верзија на законот, поранешната министерка за образование и наука Рената Дескоска посочи дека во него се опфатени учениците со посебни образовни потреби. За нив се обезбедуваат соодветни услови за стекнување основно воспитание и образование во редовните и ресурсните основни училишта. Заради дополнителна и стручна помош во воспитувањето и образованието на децата со посебни образовни потреби, се предвидуваше формирање мобилни служби составени од стручни лица (психолог, специјален едукатор – дефектолог, логопед, социјален работник и педагог), како и училиштето да му обезбеди личен асистент на ученикот со посебни образовни потреби.
Вероника Мароска-Леова