За сите авторски договори, треба ли да се плаќа ДДВ?


Кои физички лица треба да плаќаат ДДВ и за кои дејности, треба да се утврди во закон. Само така ќе се овозможи владеење на правото во оданочувањето на оваа категорија обврзници. Ова е основната препорака на студијата зад која стојат институтот „Фајнанс тинк“, Центарот за економски анализи и Центарот за даночна политика.

Невладиниот сектор неколку години бара прецизно дефинирање на оданочувањето на граѓаните со данок на додадена вредност. Според сегашната практика, самостојните вршители на дејност се регистрираат како ДДВ обврзници ако годишно имаат над 1. милион денари приход. Што значи, ДДВ обврзници, освен трговците поединци што извршуваат стопанска дејност, од 2015 се и членовите на УО, на надзорните одбори и граѓаните што издаваат деловен простор на фирми.

„УЈП во јануари годинава ги повика и оние што имаат авторски договори да се регистрираат како обврзници на ДДВ“, рече проф. Марјан Петрески, посочувајќи дека даночниот третман со ДДВ на авторските договори е посебно проблематичен.

Една од причините за тоа, според Борче Смилевски е широката форма на дефинирање на термините во Законот за ДДВ, којшто е еден од поуредените, бидејќи е заснован врз директивите на ЕУ, но, бара од институцијата што го спроведува да има доволно интегритет за интерпретација на одредбите.

„Не секоја трансакција којашто се врши со надоместок, влегува под терминот стопанска дејност. Термините надоместок и доход иако се блиски, имаат различно толкување. Надоместок е предуслов одредена трансакција да претставува промет, да влезе под опфат на ДДВ. Доходот, пак, се детерминира со стопанска дејност. Значи, за да потпадне под стопанска дејност, лицето што го врши прометот, треба да генерира стабилен приход на континуирана основа и да генерира остварување на иден доход. И тука е таа ширина на дефинирање на термините којашто треба да се применува со доволно интегритет“, рече Смилевски.

Ако УЈП бара вклучувањето на авторските договори под терминот стопанска дејност, даночните експерти велат дека претходно треба да одговори дали создавањето на авторското дело е промет на услуга.

„Законот за ДДВ вели дека предмет на оданочување е преносот на авторски права, патенти и лиценци. Не пишува дека создавањето на авторско дело е промет, туку преносот на правата. Оттука, кога УЈП ќе тргне да регистрира или да му го гледа доходот на одредено физичко лице, треба добро да навлезе од што е остварен доходот. Ако е остварен од авторски договори, дали вклучува промет на авторски права или не“, укажа Смилевски додавајќи дека Европскиот суд на правдата толкува дека авторските договори, кога остануваат правата кај авторот, не може да претставуваат промет од аспект на ДДВ.

Но, ако некој врши продажба на својот авторски труд, и го вреднува преку одредена единица мерка(час, ден), тогаш тоа би потпаѓало под ДДВ, сметаат авторите на студијата „Физичките лица во системот на ДДВ и владеењето на правото во Македонија“.

Во УЈП се регистрирани над 1.600 физички лица, со приходи од над еден милион денари, како ДДВ обврзници. (А.С.)