Закон има – нема правилници: Пратениците уште возат скапи километри


Претседателката на Буџетскиот совет, Фросина Ташевска-Ременски, вчера изјави дека пред два месеца е донесен Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Македонија и дека Собранието сега работи на правилникот.

„Него го носи претседателот на Собранието и секако генералниот секретар кој треба да го спроведе до службите на Собранието. Кога ќе имаме таква информација, ќе ви ја обелодениме“, изјави Ременски.

Без оглед на финесите, значи пак е заглавена новата регулатива, која, според најавите што првенците на СДСМ ги даваа кога беше најголем притисокот на јавноста за неразумните суми што Собранието ги исплатувало за патни надоместоци, требаше барем да ги преполови трошоците.
Новинарите вчера прашаа дали ММФ, кој е во мисија за утврдување на фискалната транспарентност на Собранието, им препорачал нешто поврзано со патните надоместоци, на што Ременски рече дека ММФ нема надлежности да се занимава со такви прашања.

„Кога ќе го објавиме дополнетиот стратегиски план за работа на Собранието, ќе видите дека и ние како Собрание ја зајакнуваме фискалната транспарентност. Во делот на трошењето на буџетски средства планираме да направиме анализа, дали се тие согласно законот. Тоа не подразбира дека ќе се претвориме во истражен орган за да видиме дали имало проневери. Она што е согласно закон предвидена обврска и право на пратениците, сѐ додека се важечки законите, важат и тие права. Ние зборуваме за една рационализација во работењето на Собранието“, рече Ременски додавајќи дека сега се обидуваат да го рационализираат одржувањето на пленарните и комисиските седници, зашто и со тоа се кратат патни трошоци.

„Сега малку им е чудно на граѓаните што немаме секој ден седници, па велат ништо не работат пратениците“, рече Ременски, не издржувајќи да не каже дека, кога се зборува за патните трошоци, не треба да се исклучат и Владата и сите останати избрани функционери на кои се однесува законот.
„Тие не се толку предмет на интерес колку што се пратениците. Не сакам да се претворам во адвокат на парламентот, меѓутоа знам многу случаи кои што се многу поекстремни од патните трошоци на пратениците“, укажа Ременски.

На крајот на април, генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, за „24 вести“ рече како парламентарно мнозинство жалат што овој закон не бил изменет уште во првите 2-3 месеци по доаѓањето на новата власт.

„Но имаме обврски кон коалициските партнери, кон парламентарното малцинство, да извршиме широка консултација за тоа што е оптимално решение, на кој начин ќе се заштедат парите на граѓаните од една страна и како на пратениците да им се овозможи соодветен и достоинствен начин да патуваат од местото на живеење до собранието во Скопје“, изјави тогаш Кирацоски.

Анита Салтировска