ЕУ и САД продолжуваат со оптимизмот околу спорот со името
Продолжува реториката на охрабрување за побрзо решевање на спорот за името, која доаѓа од ЕУ и САД, наспроти опаѓањето на оптимизмот во Грција.
Престедателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, по враќањето од турнејата на Западниот Балкан, за Еуроњуз вчера изјави дека ЕУ не врши притисок врз Македонија и Грција за решавање на името.
– Притисокот не е алатка која треба да ја употребуваме. Ги охрабруваме Грција и поранешната југословенска Република Македонија да изнајдат решение за прашањето за името, ангажирани се во преговори, ние не треба да интервенираме, вели Јункер.
Тој одби да одговори и на прашањето на новинарката за тоа дали е оправдано барањето на Грција, Македонија да го менува Уставот.
Американскиот амбасадор во Грција Џефри Пајат говорејќи на панел дискусија во рамките на Економскиот форум во Делфи, Грција, рече дека Вашингтон е мошне заинтересиран да успее дипломатијата на релација Скопје – Атина што во овој момент е во тек за името. Според него, најдобриот начин да помогне е да не шпекулира премногу околу процесот и перспективите, јави дописникот на МИА од Атина.
– Она што би го кажал е дека е многу јасно за САД дека и двете страни, грчката влада и владата во Скопје ова го гледаат како момент за можност во смисла на тоа, ова прашање да го остават зад себе, рече американскиот амбасадор.
Поранешната шефица на грчката дипломатија Дора Бакојани, пак, обраќајки се, исто така, на панел дискусија на Економскиот форум во Делфи, за перспективите за решавање на спорот за името изрази стравување дека ова е само уште една можност во синџирот можности што ги изгуби грчката надворешна политика.
Бакојани, која сега е пратеник од опозициската Нова демократија, упати остри критики до владата на Ципрас за тоа како управува со преговорите.
– Создаде проблем во внатрешноста на земјата, создаде проблем во преговорите, бидејќи на средина на преговорите се сетија на ерга омнес, на средина на преговорите се сетија дека за да биде ерга омнес потребна е некоја промена во Уставот на соседната земја итн., објасни поранешната шефица на грчката дипломатија, пренесе МИА.
Таа рече и дека со актуелниот македонски премиер, преговорите се полесни отколку со претходниот. Смета дека справувањето со проблемот треба да започне од основата, која според неа е иредентизмот, бидејќи „историски, токму врз оваа иредентистичка логика се изгради целата оваа држава“.