„Еуромакс рисорсис“: Имаме аргументи, ќе се бориме за Иловица


Златото на Огржден замати уште една контроверза – ќе има ли рудник? Извршниот директор на компанијата „Еуромакс рисорсис“ Варшан Гокул од седиштето на канадската компанија во Лондон,` два-три пати месечно доаѓа во Македонија. „Еуромакс рисорсис“ е концесионер на рудникот за злато и бакар „Иловица“.

Дали Иловица ќе биде пример за безбедно и одговорно рударство како што тврди „Еуромакс“ или рудник на смртта како што велат населението и еколозите?

Ние тврдиме дека ќе биде рудник на можности. „Еуромакс“ го спроведува проектот согласно домашното  и интернационалното законодавство и проектот нема да има негативно влијание врз локалната средина и населението. „Еуромакс“ се труди да направи сѐ што може да го зачува здравjето на локалното население. Работиме четиринаесет години во регионот и сѐ што правиме е во согласност со начелата на безбедност и одговорност.

Ако е така, зошто jавно, на тв дебата, не сакате да се соочите со противниците на идеjата за рудникот? Велат дека ве повикуваат повеќе од една година.

Ние сме отворени за средби со сите заинтересирани страни и тоа сме го докажале во изминатиот период. Секојдневно имаме средби со сите заинтересирани граѓански здруженија и институции. Ги поканивме на средба и граѓански организации коишто се против изградбата на рудникот, за да се запознаеме и да им ја дадеме целата документација за проектот. Иако истата е целосно јавно достапна, ние сакавме да им ја дадеме лично.

Тврдат дека манипулирате. Имаше многу средби изминативе години на коишто беа викани бизнисмени и на коишто, поради тоа што беа мали просториите, само по еден – дваjца од тие што се страшни можеа да влезат. Ќе излезете ли конечно на јавна дебата?

Да, секако. Ние сакаме да зборуваме за проектот затоа што нашите аргументи се научно поткрепени и се резултат на долгогодишни истражувања од домашни и странски експерти.

А ќе има ли таму претставници на еколошките здруженија и на населението?

Да, секако. Со секој што е зинтересиран ние сме спремни да разговараме јавно. Не може да ги манипулираме медиумите. Треба да се расчистат работите, меѓутоа треба да се зборува вистинито, затоа што не е во ред обвинувањата да бидат паушални туку мора да бидат базирани на факти. Ние и веќе ги повикавме граѓански организации на средба која беше одбиена.

На 16-ти, в сабота, е најавен масовен протест против рудникот пред вашето седиште во Струмица. И скопјани се солидаризираат со протестот и ќе бидат пред Влада. Има најави за отпор и во други градови. По секоја цена сте решени да го отворите рудникот? Бидејќи демократијата е таа која што треба да биде одлучувачка во вакви спорни прашања.

Ние сме отворени и сакаме да чуеме што имаат луѓето да кажат. Протестите се можеби некаква индиција дека луѓето се против и дека сакаат да не се отвори рудникот. И доколку тие упорно тврдат дека не сакаат, ние ќе заминеме . Меѓутоа, нема да заминеме така лесно, нема да се предадеме и нема да отидеме без борба бидејќи веруваме во проектот. И неточна е перцепцијата дека целокупното население е против проектот. Имаме и поддршката и таа се повеќе се зголемува. Сакаме да им ги претставиме на луѓето сите економски бенефиции што ги носи овој проект, дека нема влијание врз животната средина, како и социјалниот придонес што ќе го има овој проект за земјава. Ние ќе се бориме затоа што јас верувам во овој проект и мислам дека е изготвен според најдобрите меѓународни стандарди. Ние имаме сериозни акционери од Обединетото Кралство, од Америка и тие и ние сакаме ова да биде изведено на одговорен начин. Се разбира, доколку има индиции дека луѓето од Македонија не нё сакаат, дека не ги сакаат и парите што ги носиме, на крај ќе заминеме. Меѓутоа, повторувам, нема да си одиме без борба. Не се откажуваме така лесно. Ние слушаме. Ние ги сакаме нивните коментари, тие се добредојдени. Тие се дел, како и протестите, од демократскиот процес. Еве, како доказ дека слушаме, прво го воведовме цијанидот, меѓутоа откако луѓето се побунија и имаше реакции, ние го отстранивме цијанидот. Нема да го користиме цијанидот иако тоа е многу безбеден процес. Експертите можат да го потврдат тоа. Сето тоа ќе доведеше до производство на македонско злато. Македонското злато што потоа би се продавало на Народна банка и ќе одеше во резервите на Народна банка и на Македонија. Тоа ќе беше и гордост на Македонија. Би се чувствувале горди да имате македонско злато. Протестите се на еден начин комуникација, а комуникацијата е важна. Покрај акционерите од странство има и дел од локалното население што не е против отворањето на рудникот, што не е против овој проект. Да не заборавиме дека имаше два неуспешни референдуми во Босилово и Ново село. Тоа е показател дека имаме поддршка од локалното население.

Од 2012 година сите овие работи му се познати на населението, а тие повторно се против. Што ново ќе примените за да ги убедите?

Нема нови факти, но важно е фактите да се разберат како што треба. Ние сметаме дека има многу недоразбирања во врска со целиот проект. Ова е еден комплициран, сложен проект. Мислам дека информациите не се целосно апсорбирани од населението. Овој проект е еден од најголемите проекти во Македонија и луѓето можеби досега имале некаква слика за рудниците, меѓутоа овие рудници што постојат со години се многу стари а ова е еден нов, модерен рудник. Нашите студии се базираат на наука, а науката единствено дава одговор за реалните факти за овој проект. Подготовката на овој проект се одвива низ сложени фази, согласно законската регулатива. Во почетокот се прави прелиминарна студија. Цело време ја следиме животната средина, водите, прашината, бучавата и се добиваат сѐ повеќе податоци и сето тоа треба да биде инкорпорирано во студиите. На тој начин информациите се надградуваат со текот на времето. На овие студии работат и македонски и меѓународни репрезентативни експерти. Тие се професори од факултетите во Штип, од Природноматематички факултет во Скопје и меѓународни експерти.

Ако е правена стратегијата на производство со вклучен цијанид, а сега го исклучувате, дали направивте нова студија, дали за новонастанатата состојба формално ги информиравте надлежните институции?

Направивме дополнителен елаборат кој што ќе биде анекс на постојната студија. Во основа, го извадивме од студијата делот за употреба на цијанид, односно ќе се користи процес флотација којшто е целосно безбеден. Студијата е валидна со сите други податоци.

Факт е дека во време на претходната влада ги добивте сите потребни одобренија, а оваа ги испитува условите за раскинување на договорот. Кое е вашето објаснување, дополнително што една од партиите на власт која беше дел и од претходната влада упати 19 забелешки за рудникот, тврдејќи дека Студијата за оценка на влијанието врз животната средина, студијата за која што велите дека ги поминала сите инстанци, не одговорила на многу суштествени еколошки прашања и не дава гаранција дека се пристапува со потребна одговорност кон прашањата коишто се од животно значење за жителите што живеат во Босилово и во Струмичкиот регион?

Развојот на проектот Иловица-Штука е започнат од 2004 година и трае се до денес. Тоа зборува дека проектот се разивал во период кога се смениле повеќе влади во Македонија. Ние го развиваме проектот согласно законите на земјата и интернационалните регулативи, бидејќи ЕБОР која е еден од нашите најголеми акционери, има уште построги барања во делот на животната средина.  Работиме со надлежните институции за да најдеме решение за понатамошен прогрес на проектот. Ние се соочивме со еден тежок период на транзиција, кога техничката Владата имаше ограничени овластувања заради препораките од Антикорупциската комисија. Но тој период е зад нас и нема никакви пречки за проектот да не продолжи понатаму, имајќи предвид дека проектот работи согласни зајвисоките стандарди.

Во обраќање до јавноста, активистите на „Здрава котлина“ велат дека „се слушаат гласини за приватни посети на личност од владата во селата до концесискиот простор и за наводните сегашни и поранешни негови активности поврзани со посредување при купопродажба на катастарски парцели во рамките на концесискиот простор“. Коментар?

Не знам, можеби тој си купил земјиште во свое име, меѓутоа не на име на „Еуромакс“. Има рамка за купородажбата на земјиштето, сето тоа е јавно објавено на најтранспарентен начин на интернет страницата на компанијата.

Во обраќањето стои и дека во случајов „Иловица“ имало „лобирање по институции, притисоци врз Владата од големи меѓународни играчи, подземни кампањи во соработка со одредени функционери на двете најголеми политички партии, мек притисок врз локалното население и генерално замајување на јавноста со платени ПР-текстови во соработка со одредени медиуми“?

Апсолутно не. Ние соработуваме со Владата и со сите надлежни институции и немаме скриени намери ниту правиме нешто што е незаконско. Напротив сме отворени и транспарентни и во тоа можете да се уверите и сами доколку ги прашате луѓето и институциите со коишто секојдневно контактираме.

Сте донеле специјална фирма од Англија за убедувања, која што се занимава со обработка и неутрализирање на проблеми кои настануваат со активисти и месно население кое што се буни против такви рудници?

Ангажиравме фирма од Обединетото Кралство, која е само советник како и сите други консултанти кои сме ги ангажирале за проектот. Нивната задача е само да не советуваат како најдобро да се ангажираме и да комуницираме со заедницата.

Таа компанија соработува со локалните ПР компании со коишто работите?

Не.

Еколошките друштва велат дека две години сте ги криеле физибилити студијата и оценката за влијанието.

Тоа не е точно. Сите нашите документи се јавно достапни на нашата веб страна уште од првиот ден на објавувањето. Сите заинтересирани можат да добијат копии од сите документи во Информативниот центар во Иловица. За нивно презентирање, организиравме и отворени денови, а документите ги има и на страницата на Министерство за животна средина.

Тврдите дека „Еуромакс“ ќе инвестира милион евра да ја пренасочи водата на реката Штука околу јаловиштето и за да обезбеди дека реката ќе продолжи да тече како и денес, дека нема да дојде во допир со некој дел од рудникот и на никаков начин нема да биде под влијание на работа на рудникот. Исто така и дека „Еуромакс“ одлучи да се откаже од приходот од третирање со цијанид, почитувајќи ги желбите и загриженоста на локалното население. Осумстотини илјади евра ќе инвестирате во водовод, ќе инвестирате во болницата во Струмица. Но, никој не дава ништо за ништо. Оттука и мислењето дека ова е дел од пропагандата на „Еуромакс“ и дека без оглед на тоа што цијанидот ќе биде исклучен, погубните последици на сулфурната киселина, на арсенот и на другите отровни супстанци ќе предизвикаат опасности врз животот, земјоделството, целокупната економија.

Нема да користиме ни цијанид, ниту сулфурна киселина, ниту арсен. Само првата година рудникот ќе влече вода од реката, а после наредните 19 години ќе ја рециклира, повторно ќе ја реупотребува истата вода.

А ова нема да влијае врз средината?

Сега во селата сами копаат бунари и ја пијат таа вода. Проблемот е што немаат фекална канализација, туку септички јами. Водоводот, за кој не сакаат да плаќаат, е застарен и рѓосан и треба да се смени. И практично тие пијат вода со опасни фекални бактерии. Ова го покажуваат податоците на надлежните локални институции, само тоа никој не го кажува. Иловица и Штука се на едниот крај од Струмичко поле, а Турија е накај Радовишко, и ние сакаме со цевки од Турија да донесеме вода за потребите на рудникот, притоа да се искористат цевките за да им се донесе на граѓаните чиста вода.

Дали ќе градите болница за прифаќање на оние што ќе се разболат од рудникот?

Тоа се тотални невистини. И не мислат сите така. Има многу луѓе што се заинтересирани и се разочарани зашто нема работа. Пред две недели пуштивме соопштение за преглед на работни места. Знаете колку биографии стигнаа? Многу луѓе се заинтересирани. Зад тврдењата мора да стои некој, инаку сите ние можеме сѐ да кажеме.

Логично е во земја која што е сиромашна да стигнат толку биографии, тоа не е спорно.

Да, но тоа значи и поддршка.

Она што го нудите вие е вкупна инвестиција од 343 милиони евра 488 директни вработувања, иако и околу вработувањата има различни видувања-дека во првите изјави сте кажале дека ќе има многу повеќе индиректни вработувања?

Генерално се предвидени околу 400 до 500 директни вработувања, само во рудникот, меѓутоа претпоставката е дека секое директно вработување повлекува 4 индиректни работни места, така да можно е таа бројка да е многу поголема. Во првите две години, додека се гради рудникот, бројот на вработени ќе биде околу 1.000, а во останатите години во експлоатација на користење на рудникот тогаш тој број на луѓе директно вработени во рудникот би бил околу 500. И во сите соопштенија секогаш е комуницирано ист број на директно вработени и иста вредност на инвестиции. Во последните соопштенија кажавме дека индиректно таму ќе се ангажираат транспортни компании, за храна, и тоа е факт. Наша заложба е предност да се даде на локалните компании, локалните добавувачи. Треба да се изгради административна зграда и постројката за што се планирани 180 милиони евра од инвестицијата од 343 милиони. А 180 милиониевра ќе одат во локалната заедница, во регионот на Струмица, за цивили, за тие што ќе ги работат земјените работи, локални добавувачи, тие што ќе ги работат цевките, водоводот, административната зграда.

Колку средства досега се инвестирани во овој проект?

45 милиони американски долари.

Од каде доаѓаат тие?

„Еуромакс“ котира на берзата во Торонто и листата на нашите акционери е јавна. Главните акционери се Европската банка за развој, различни фондови, „Ројал Голд“ од Америка, тие се големи институции.

Бидејќи е компанија на берза, има обврска за информации. Според првата рудникот требаше да почне со работа во 2017, потоа во 2018, но сѐ уште не е почнато. Како се правдате пред инвеститорите за ова? Плаќате ли пенали?

Нашите акционери се многу трпеливи и разбираат. Им објаснувавме на почетокот дека имаше политичка транзиција, дека земјата беше во политичка криза, и сѐ беше во застој. Им објаснивме дека тоа е релативно нова демократија, затоа може да има такви застои, меѓутоа сега има нова влада и се очекува со новата влада да се решат сите проблеми и сите прашања. Сѐ уште не добиваме дозвола, а секој ден нас не чини пари. Веќе со новата влада се очекува да се реши ситуацијата и акционерите полека почнуваат да го губат трпението. Нивните прашања се однесуваат на владеењето на правото во Македонија, а Македонија е правна држава, Македонија е на патеката кон НАТО и Европската Унија, како може да влезе, како може да биде дел од овие структури ако не ги почитува законите, дури и сопствените закони. Ние сме ја доставиле цела документација, сѐ сме работеле во согласност со македонските закони, дури и со меѓународните стандарди, а дозволите сѐ уште не се одобрени. Имавме и заеднички одбор со претставници од локалната заедница, од 12 луѓе кој се состануваа два пати месечно на независен простор. Имаше советници од двете партии од општините, од невладини, од селата, претставници на неколку центри. За сѐ што прашуваа, добиваа одговори.

Спомнавте за одложувањето од политички причини ама забелешката е дека техничката влада стапи на 2 септември 2016. Месец и половина по крајниот законски рок од 22 јули 2016 за доставување барања за доделување дозвола за експлоатација. Како концесионер ги испочитувавте ли роковите?

Министерството за животна средина не потпишува, а таа студија е потребна за ние да продолжиме со постапката. За да ја добиеме дозволата за експлоатација ни треба прво да ја потпишат студијата и да ги спојат концесиите за што чекаме одлука на влада.Тоа е техничка работа, но треба одлука од влада.

Кој е виновен за доцнењето? Вие или Министерството за животна средина?

Министерството за животна средина треба да ни ја потпише студијата која што не е потпишана. Министерството за економија си ја завршило работата затоа што ги пуштило во Влада спојувањето на концесиите. Ние, практично, поради институциите сме ставени во ваква ситуација и не сме можеле да ги добиеме потребните дозволи за кои што сме ги поднеле потребните документи на време.

Јаловиштето велат дека ќе биде највисока рудна брана, шеста во свет, од 276 метри, која ќе биде полна со отровна јаловина и секогаш ќе им остане на населението над главите.

Дизајнот на јаловиштето е во согласност со регулативата на ЕУ. Косината е многу блага и ја следи линијата на самата долина. После животниот рок на рудникот, кој е 20 години ќе има 3 години рехабилитација. Имаме резервен фонд од 30 милиони евра на банкарска сметка кои ќе бидат искористени за повторно садење на вегетација.

Колкава површина ќе се рехабилитира?

По завршувањето на експлоатацијата, хидројаловиштето ќе се затвори и рекултивира и целата површина ќе се врати во првобитна состојба. За дизајнот на насипот беа ангажирани најдобрите македонски како и странски консултанти кои работеле на ваков тип на насипи во Ирска, Финска, САД и Канада. Насипот ќе биде изграден од нови материјали и тој има улога да го одржува јаловиштето што ќе се депонира, слично како кај секој рудник. За време на изградбата, отпадниот руднички камен од зоната на површинскиот коп ќе се користи за изградба на телото на иницијалната камено-насипна брана на хидројаловиштето и е направена е така да нема понирање, а јаловиштето ќе биде во вид на песок.

Езерото со јаловина колку време ќе постои?

Како што напоменав, јаловиштето ќе биде во вид на песок и истото ќе биде целосно култивирано и ќе биде засадено со дрва по 20 годишниот животен век на рудникот. Направена е симулација каде земени се предвид големи дождови какви што се немаат ни случено во последните 1.000 години. Доколку се преполни со вода од обилни дождови,  тогаш има дополнително езеро кое што ќе ја собере таа вода. Симулацијата е направена од професори од Градежен факултет и за истата беа консултирани и меѓународни консултанти. Втор критериум кој е земен предвид при проектирање на браната е сеизмичкиот, многу јак земјотрес од 9,2 степени по Рихтер што се случува еднаш во илјадници години, и истиот ќе може браната да го издржи.

Првиот момент од кој што се плашат жителите се секојдневните експлозии и, што со прашината?

Тие се сеќаваат дека кога се градела постоечката брана имало големи експлозии и тоа се слушало, па сите имаат лошо искуство и се разбира дека се загрижени. Ќе има до две експлозии дневно а од селото ќе бидат на оддалеченост на 1,5 километар. Ја меревме бучавата во селото, и во моментов таа изнесува околу 30 децибели, и моделиравме експлозијата да изнесува околу 20 децибели. За прашината направен е систем за намалување со пресија, има и прскалки, штом има прашина прскалките ја повлекуваат секаде каде што ќе се создава.

Воопшто нема да има прашина врз земјоделските производи?

Нема, апсолутно нема да има никаква прашина, нула влијание врз земјоделството и врз земјоделските производи. Имаме студии, науката стои зад нас.

Анита Салтировска