Елмас сакал да игра за Динамо, вечерва ќе игра против
Вкупно 24 натпревари се на програмата вечерва во рамките на првото коло од фудбалската Лига Европа. За разлика од Лигата на шампионите, каде што нема македонски репрезентативец, ситуацијата е поинаква во второто по ранг и по квалитет натпреварување под капата на УЕФА. Стефан Ристовски со Спортинг, Аријан Адеми со Динамо Загреб, Елиф Елмас со Фенербахче, Даниел Мојсов и Иван Тричковски со АЕЛ ќе се обидат за почеток да ја минат групната фаза.
Уште во воведниот натпревар требаше да следиме директен дуел меѓу два македонски играчи, но тој е неизвесен. Во Загреб се среќаваат Динамо и Фенербахче. Сè уште е неизвесно дали капитенот на „модрите“ ќе биде подготвен за мечот пред полни трибини на „Максимир“. Адеми веќе дваесетина дена се жали на повреда, па иако почна со тренажниот процес, самиот признава оти не е подготвен за меч од висок интензитет.
Од друга страна, Елмас ги живее своите моменти на слава откако во неделата го постигна единствениот погодок на гостувањето кај Коњаспор. Неизвесно е дали тренерот Филип Коку ќе му даде шанса од првата минута, имајќи превид дека во Коња влезе од клупата, но минути на „Максимир“ му се загарантирани.
Фудбалерот на Истра и повремен македонски репрезентативец Агрон Руфати ги предупредува загрепчани дека Елмас е опасен како ѓавол.
„Бевме цимери. Во Македонија е голема ѕвезда, го обожаваат. Не е уште популарен како Пандев бидејќи тој е само еден, но му се приближува. Нека се чува Динамо од него, има страшен прв чекор. Кога ќе тргне, без проблем минува два-тројца играчи. Го чував на тренинг и верувајте, не беше лесно. Пеколен фудбалер“, вели Руфати.
Интересна е изјавата на менаџерот Дарко Алегиќ, кој за хрватските медиуми открива дека Елмас бил на прагот на Динамо.
„Минатата година во мај неговиот татко сакаше Елиф да дојде во Динамо. Ги прашав во клубот, но тие ми рекоа оти најпрво мора да оди на калење во Локомотива. Кога татко му го слушна тоа, рече: ‘Не бидете смешни, каква Локомотива? Имаме понуди од најголемите европски клубови’. И еве, сега ќе игра против Динамо“, објаснува Алегиќ.
Спортинг во Лисабон игра со Карабаг од Азербејџан, а кипарски АЕЛ го дочекува Цирих. Меѓу поинтересните мечеви се ПАОК-Челзи и Олимпик Марсеј-Ајнтрахт Франфурт.
Наградниот фонд во Лига Европа е 510 милиони евра. Секоја екипа што обезбеди пласман во групната фаза веќе освои три милиони евра, секоја победа вреди 570.000 евра, а ремито трипати помалку. Титулата ја брани Атлетико Мадрид.