ДУИ сврте кон Мала Речица место кон Брисел
Откако Собранието во мачна и драматична атмосфера го донесе Законот за употреба на јазиците, на претседателот на ДУИ, Али Ахмети му требаа само неколку часа за да долее масло на оганот, порачувајќи дека „овој глас ви припаѓа вам и на оние што не се повеќе со нас, а се најзаслужни: мачениците на албанската нација“. Место порака за смиреност и трезвеност, со објаснување дека законот не го доведува во опасност македонскиот јазик, односно дека само ќе го унапреди користењето на албанскиот јазик, ќе доведе до подобро разбирање меѓу етничките заедници и ќе го подобри соживотот, поранешниот воен водач на ОНА го одбра стилот што одлично го развиваше низ своето десетгодишно владеење со ВМРО-ДПМНЕ. Ахмети и неговите најблиски соработници по којзнае кој пат „јавнаа“ на бранот на национализмот, небаре не беше доволна неодамнешната изјава дека официјализирањето на албанскиот јазик во Македонија го чекале 150 години, па не е проблем да почекаат уште малку.
ДУИ, која е единствена вечна во Владата, а се менуваат коалициските партнери, уште еднаш ги стави своите интереси пред заедничките, вртејќи го евроатлантскиот курс кон Мала Речица наместо кон Брисел. Дефокусирањето на јавноста од вистинските проблеми што ги мачат граѓаните, како што е економскиот стандард, невработеноста и бесперспективноста се замачкува со тоа што најлесно пали во заостанато општество како нашето: евтин популизам и национализам. Всушност, ДУИ очајно трага по изгубениот авторитет и имиџ кај албанските гласачи, очигледно атакувајќи и по гласовите што легнаа на контото на СДСМ.
„Тоа е нивниот стил на владеење: професионалната неспособност се обидуваат да ја кренат со емотивна и национална реторика. Сепак, мислам дека во Македонија тој процес горе-долу завршува и доаѓа време кога ќе треба да се фокусираме на вистинските работи“, вели аналитичарот Башким Бакиу.
Според него, партијата на Ахмети не успева да ги спроведе политиките што допираат до Албанците, недоволно ги застапува интересите на албанските граѓани и не се ориентира на нивните потреби.
„Би ги посоветувал да се фокусираат на економските развој на општините со доминантно албанско население, бидејќи во добар дел од нив нема вода, канализација и асфалт. Но, очигледно дека и во минатото, а и сега има простор да се игра на националната карта и тоа веројатно им го посочуваат нивните ПР-стратези. Тоа го користат и како одбранбен механизам за лошото менаџирање со економските процеси. За жал, таквото нивно однесување води до антагонизам и е реверзибилен процес, им дава можност на македонските партии, пред сѐ на ВМРО-ДПМНЕ да постапат на сличен начин. Всушност, таквиот начин на делување беше нивна практика додека ја делеа власта“, анализира Бакиу.
Поранешниот министер и пратеник Марјан Додовски вели дека е штета што новата Влада не продолжила да гази по истапканиот пат за силен економски развој, бидејќи во тој случај националните теми би биле спласнати.
„Неуспесите на Владата во спроведувањето на реформите од планот 3-6-9 е видлив, граѓаните не чувствуваат подобрување на животниот стандард, напротив, тонат во сѐ поголема сиромаштија и затоа сега се актуелизираат вакви работи, како Законот за јазици. На ДУИ, но и на нивните партнери им порачувам да се сконцентрираат на економските прашања, а не на закони кои не носат подобрување на квалитетот на животот“, дециден е Додовски.
Професорот Иса Спахиу, пак, не гледа ништо националистичко во однесувањето на ДУИ во нивното практикување на власта што трае од 2008 година.
„ДУИ работи во интерес на Албанците. Законот за јазици како што го нарекувате, не е тоа, туку закон за унапредување на албанскиот јазик во Македонија и требаше одамна да биде донесен. Да беше донесен, сега немаше ДУИ да го бара. Нормално е Албанците да зборуваат на свој јазик. Еве во Косово на пример, Србите не се повеќе од пет отсто, а српскиот јазик е официјален на цела територија, и тоа на Албанците не им пречи. Грешката е кај Македонците: и кај новинарите и кај политичките партии, но добрата вест е што ќе ги боли три дена и ќе им помине. ДУИ се бори за правата на Албанците, а популизмот е кај Македонците, претежно кај ВМРО-ДПМНЕ. Жално е што се фативте за Законот наместо да зборуваме за економски стандард, поголеми плати и пензии и вработувања“, констатира Спахиу, незабележувајќи дека ниту една од тие точки не е на листата на приоритетите на партијата на Али Ахмети.
Горан Адамовски