Договор од 7,3 милиони евра за концесија за мермер во Долнени и Прилеп


Во Долнени денеска е потпишан договор за концесија за истражување мермер вреден 7,3 милиона евра. Површината е 4,6 километри квадратни на локалитетот Самарница кој е две третини во Долнени, а една третина во Прилеп. Концесионерството го доби македонско-турската компанија „Волостон“ која ќе вложи и уште  22 милиони евра и ќе вработи 500 луѓе. Од 7,3 милиона евра 78 отсто или вкупно 5,7 милиона евра ги добија Долнени и Прилеп, а ќе бидат за инфраструктурни проекти.

Договорот за концесионерство во просториите на општина Долнени денеска го потпишаа министерот за економија Крешник Бектеши и претставникот на фирмата „Волостон“ Абдулметали Буши, претставник на македонскиот дел од компанијата.

Според Буши компанијата ќе почне да работи веднаш штом ќе се среди документацијата за концесионерството.

– Вложивме околу 7,3 милиони евр за концесијата и планираме за четири години да вложиме уште 22 милиона евра. Ќе има голема фабрика. Во првата година ќе има 100, а потоа вкупно 500 вработени. Станува збор за бел мермер и ќе се пласира во Азија, Европа, Кина, Кореја и Малезија, вели Буши.

За министерот Бектеши ова е пример за поттик и на домашните компании и со владините мерки да се зголемува бројот на работните места.

– Оваа концесија постигна највисока цена досега и е најдобар пример за поттик и на домашните, како на странските компании. Тоа е најавено и со владините економски мерки со кои им се дава поттик на домашните компании, на креирањето нови работни места и на извозот, рече Бектеши.

Парите што ги добија двете општини Долнени и Прилеп, веќе се легнати на нивните сметки. Од нив за Долнени се 3,7, а за Прилеп два милиона евра. Наменети се за инфраструктурни проекти.