Димитров и Коѕиас ќе ги отворат најжешките прашања


Компромис, но не гнил, туку таков со кој двете страни ќе добијат нешто – е пораката со која грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕиас дојде вчера во Охрид на нова рунда преговори со министерот Никола Димитров околу спорот за името. Преговорите се закажани за рано наутро во владината вила и ќе траат околу три часа. Шефот на македонската дипломатија немаше дилеми дека охридската рунда разговори за името ќе биде тешка бидејќи сега следуваат преговорите за клучните прашања.

„По дефиниција сите рунди разговори се тешки, така што се разбира дека очекувам темелни разговори и се надевам на прогрес. Мислам дека однесувањето и на Република Македонија и на нашите соседи од Грција во однос на процесот сигнализира дека тој е во деликатна фаза. Фокусирани сме на овие разговори и се надевам дека ќе ни помогне што оваа рунда се одржува токму во Охрид и дека духот на тој наш бисер ќе ни помогне“, изјави вчера Димитров.

Засега, како најсериозни опции во игра за името на државата се „Република Горна Македонија“ и „Република Северна Македонија“. Според грчката ТВ „Алфа“, Нимиц во писмото до Димитров и Коѕиас, испратено овие денови, посочил дека најголема пречка во оваа фаза од разговорите се измените на македонскиот Устав, кои Грција ги бара преку инсистирањето на име за севкупна употреба (ерга омнес) – и на меѓународен и на внатрешен план. Весникот „Катимерини“ пишува дека формулата ерга омнес останува „клуч“ за преговорите, но и дека според информирани извори, Заев се согласил со опсег ерга омнес, но со ѕвезда (фуснота), односно името што евентуално би било договорено да не биде за внатрешна употреба.
„Македонската страна сака да го задржи правото да го користи зборот ‘Македонија’ во земјата поради различни причини (на пример, за имињата на институции како ‘Банка на Република Македонија’, ‘Универзитет Македонија’). Ова ќе им овозможи при издавањето дипломи, сертификати и други официјални документи ‘Македонија’ да преживее по можното решение за името“, пишува весникот во текст под наслов „Заев и четирите трња“.
Четирите трња се четирите точки кои според весникот се единствените нерешени од вкупно 14 точки.

„Практично, двете страни веќе постигнаа целосен договор за 10 од 14 точки од преговорите, кои се однесуваат првенствено на полесни политички прашања – соработка во високото образование, културата, енергетиката, технологијата, прекуграничната соработка… Четирите преостанати се оние покритичните, името (најверојатно ‘Горна Македонија’), опсегот на употреба (ерга омнес), промена на Уставот и меѓународните односи (во НАТО, ЕУ и ОН)“, пишува весникот.

Со цел да се помогне процесот на разговори за тешките прашања, биле формирани две експертски комисии. Наводно, во нацрт-договор била внесена и преамбула, која треба да ја потенцира разликата помеѓу историската античка Македонија, која била грчка, и модерната географска Македонија, која опфаќа три држави. Како суштинска пречка за напредокот во разговорите се посочува фактот дека Заев нема двотретинско мнозинство во парламентот кое би поддржало промени во Уставот.

Април се нотира како клучен месец кој ќе покаже дали двете страни може да постигнат договор пред Самитот на НАТО во јули. Доколку претходно не се постигне договор за името, грчки медиуми оценуваат дека акцентот ќе биде ставен на засилено градење мерки на доверба, но дека нема да се прифати фазно решавање на спорот, односно одложена ревизија на Уставот.

„Со вклучувањето на новото име во Уставот (како и со измени на некои членови како што е членот 49 во врска со македонската дијаспора) се смета дека Грција нуди неопходни политички гаранции за искоренување на неодговорноста“, пишува „То вима“. Но смета дека проблем е што е речиси невозможно промената на Уставот да помине во парламентот до летото, поради што повторно во оптек е идејата Македонија да добие надграден статус во односите со НАТО. Според дипломатски и владини извори на кои се повикува весникот, целта била да се развие „патна карта“ за насоката во која ќе се движат работите.

„Причината е јасна. Поради парламентарната аритметика, се чини дека е многу тешко во ПЈРМ да помине ревизија на Уставот. Атина не се согласува да се даде покана за членство на Самитот на НАТО на 11-12 јули, или да го прифати почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ на Европскиот совет неколку дена порано, на 28-29 јуни. Некои луѓе во заднина разговараат за можноста да му понудат на Скопје еден вид ‘надграден однос’ со Алијансата сѐ додека не се спроведе уставната реформа“, пишува весникот. Наводно, идејата Македонија да добие надграден статус во односите со НАТО била разгледувана од Коѕиас и негови советници, кои го имале предвид случајот со Шведска и Финска, па дури и Јордан, кој неодамна потпишал договор со НАТО за зајакнување на одбранбениот капацитет.
Ако соговорниците утре се приближат во ставовите, на крајот на април или почетокот на мај може да се очекува средба на премиерите Ципрас и Заев. Двајцата имаат отворена комуникација, а според грчки медиуми, и редовни телефонски контакти пред сите рунди разговори.