Димитров: Да го победиме површниот национализам и да отстапиме место за визионерскиот патриотизам


Во регионот на Западен Балкан се уште постои своевиден натпревар за тоа кој е најстар, чија историја е пославна, кој бил полошо третиран од другиот и бил поголема жртва и додека ние ја водиме таа дискусија, нашите млади таленти го напуштаат својот дом и својата подобра иднина ја бараат надвор, порача денеска шефот на дипломатијата Никола Димитров на панелот „Транатлантските перспективи и  Западен Балкан“.

Панелот се одржа во организација на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје, Берлинската канцеларија на Германскиот Маршалов Фонд, Џорџ Маршаловиот Европски центар за безбедносни студии и Белградскиот Фонд за политичка извонредност.

-Мора да најдеме сила да се соочиме директно со нашите проблеми и да сториме се што е можно за да го отклучиме потенцијалот на регионот, за поголема стабилност и безбедност, потенцијалот да станеме Европејци, со пристапувањето во ЕУ, истакна Димитров, нагласувајќи дека актуелната Влада, по успехот за отворање на патот земјата да стане 30. членка на НАТО сега е фокусирана кон почетокот на преговорите со Унијата.

Шефот на дипломатијата истакна дека е потребно да создадеме регион во кој ќе се извојува победа над површниот национализам и патриотизам и да се отстапи место за визионерскиот патриотизам.

Димитров во своето обраќање се осврна на членството на Северна Македонија во НАТО, процесот на решавање на споровите со соседите, односно постигнувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија и решавање на спорот за името со Грција, но и како овој модел на решавање спорови понатаму позитивно ќе влијае врз интегративните процеси во регионот, пред се во решавањето на спорот меѓу Белград и Приштина.

-Членството во НАТО е стратешка цел на Република Северна Макеоднија и нешто со што ќе овозможиме да се создаде побезбедна иднина за младите генерации. Оние кои ќе дојдат по нас да живеат во побезбедна иднина, со цел тие да не го поставуваат прашањето што ќе се случи со нашата земја, рече тој.

Потсетети дека на 6 февруари тој имал привилегија да биде сведок на потпишувањето на протоколот од страна на постојаните претставници на 29. земји-членки на Алијансата и додаде дека земјава ќе има можност во декември да учествува на Самитот на Алијансата во Лондон, како рамноправна – 30. членка на НАТО.

-Подготвени сме за ова ново поглавје да се приклучиме кон НАТО и оваа можност не ја земаме здраво за готово, не се работи само за тоа да добиеме одредени бенефиции, туку и да ги преземеме одговорносите, кои произлегуваат од членството, рече Димитров и посочи дека фокусот е на силна правна држава, слобода на медиумите, борба против корупцијата и ред други вредности кои се почитуваат и негуваат во трансатлантското семејство.

Потсети дека ратификацијата на Протоколот веќе почнала во парламентите на земјите-членки, прва тоа го стори Грција, потоа Црна Гора, Албанија, Бугарија и други земји од регионот, со што, како што посочи Димитров се потврдува значењето на пристапувањето на земјава во Алијансата од аспект на регионалната безбедност и просперитет.

Додаде дека нашето членство во НАТО не е нечија туѓа, агенда, што, како што рече, сакаат да го прикажат одредени кои се против проширувањето на Алијансата, туку тоа е одраз на војлата на граѓаните, 74 отсто од жителите на земјата го поддржуваат членството.

Истакна дека регионот е место на кое се испреплетуваат американските, европските и регионалните интереси и додаде дека Северна Македонија е добар пример за таквата соработка.

Во однос на преговорите со Грција напомена дека двете земји од битката за тоа кој полага поголемо право врз Александар Македонски, се насочиле кон прашањата за идентитетот, но во контекст на 21 век и европските вредности.

-Ги земавме предвид нашите заеднички вредности, самоопределувањето, бидејќи штитењето на идентитетот е важно за да се овозможи дистинкција меѓу нашата Македонија која се наоѓа во северниот дел на регионот и грчката Македонија, додаде министерот за надворешни работи.

Сега во моментот на регионално ниво фокусот се префрла на Белград и Приштина, додаде Димитров и напомена дека Северна Македонија, како сосед на двете земји е заинтересирана да се најде решение кое ќе ја зајакне регионалната стабилност.

Томас Клајне, заменик претседател и директор на Берлинската канцеларија на Германски Маршалов Фонд истакна дека ЕУ во моментов се соочува со сопствените предизивци и е зафатена сама со себе  и со разнишана самодоверба и токму во овој момент од големои значење се организациите кои се занимаваат со трансатлантските перспективи.

Тој нагласи дека работите треба да се погледнат поглобано, напоменувајќи дека доколку се согледа стратешкото опкружување ќе согледаме дека се соочуваме со повеќе предизвици – Кина, Русија, украинското прашање, балканското прашање. Напомена дека соочувањето со сите овие предизвици се полињата на германско-американската соработка.

-Ако се гледаат долгорочно односите меѓу Германија и САД имаме една долгорочна визија, работите одат подалеку од моменталните власти. Имаме една долгорочна трансатлантска агенда за нас и важно е она што го правиме да го правиме заедно и заеднички да ги идентификуваме стратешките проекти и агендата на која ќе работиме, рече Клајне.

Марко Трошановски, претседател на Институт за демократија „Социетас Цивилис“ истакна дека придонесот на земјава кон регионот е голема изнмиатиот период особено по решавањето на спорот со Грција.

-Тоа значи моделот на решавање билатерални спорови, тоа е парадигма за целиот регион, поддршка и охрабрување на другите кои имаат спорови. Крајната цел е интеграција на целиот регион од аспект на трансатлантско партнерства, рече Трошановски.