Денеска е Велики Петок, најтешкиот ден во годината
Православните христијани денеска го одбележуваат Велики Петок, кој освен Велипеток уште се вика и Распет петок, зашто на тој ден е распнат Исус Христос. Денеска е денот на најстрогиот пост. На овој ден во сите храмови ќе се изнесе на поколение плаштеницата (покровот) што го симболизира симнувањето од крстот на телото Господово.
Поради тоа овој ден се смета за најтежок празник во христијанската религија. Велики Петок, наспроти вообичаеното одбележување на верските празници со свети литургии и принесување на таканаречената бескрвна жртва, се празнува со читање извадоци од евангелијата од делот кој ја опишува неделата на страдањата на Синот божји. Според преданието, Христос починал на крст во „шестиот час на денот, а завесата на ерусалимскиот храм во истиот тој час се преполовила, сонцето се замрачило, мртвите станувале од гробови, а сите ѕвона се распукале”. Оттогаш, на Велики петок бијат дрвени ѕвона/клепала, а камбаните не ѕвонат до недела, кога првпат ќе ја огласат радоста на Христовото воскресение.
За време на вечерната богослужба платното се извезува од олтарот и се врши посебно богослужение, наречено Христово опевување. Песнопенијата се посветени на страдањата и смртта Христови. Во петокот никој не се осврнува на каква и да е работа. Православниот канон за Велики петок предвидува строг пост со вода, а многу верници на тој ден не пијат, ниту јадат до зајдисонце. За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните од она време. Покрај постот, на денот на христијанската жалост не се работи по дома, ниту на поле.
На Велики петок, учи христијанството, треба да им се помогне на оние кои имаат потреба од помош, да се посети и негува болниот, а изгубениот да се упати на правиот пат. Воскресението на Исус Христос ги соединува светот и рајот, а рајот постои во луѓето по покаението, давајќи надеж дека живеењето во покајание не е залудно живеење.