Данок на патриотизам
Ерол Ризаов
Најдобро решение за новиот даночен систем ќе беше да се воведе нов основен критериум за точна мерка за патриотизам и љубов кон татковината. Тоа би била висината на износот на данок што го плаќаат борците за заштита на Македонија. Нивното сакање на државата досега не се мереше со пари. Убаво е да се види и да се чуе колку овие народни херои му враќаат од неговите пари на народот што не го вадат од уста.
На моја несреќа не успеав да влезам меѓу новите патриоти. Само еден отсто среќници во државата ќе се закитат со ордени. Штета, имав големи шанси, но министерот Тевдовски ми ги расипа перспективите. Останав без орден јунак на трудот. Владата ја качи повисоко граница за поголемо патриотско оданочување од најавените 1.000 на 1.500 евра, па така ме остави пак меѓу рајата да тагувам што не сум во естаблишментот. Некои луѓе, слушам, врескаат несреќни што се во еден отсто, па требало да плаќаат уште по осум отсто данок на парите чиј износ е над 1.500 евра месечно. Тоа, замислете, било стравотен товар, цели 30 евра повеќе месечно отколку што сега плаќаат тие што имаат нето-плата од 2.000 евра.
Ужас еден. Македонија ќе пропадне, викаат на глас бирократите од стопанските комори, верни заштитници на работодавачите и на старо и новопечените транзициски милионери. Фирмите ќе банкротираат поради прогресивни и идеолошки натурени даноци, офкаат креаторите на досегашниот даночен систем. Катастрофа на повидок, државата само што не банкротирала, чука на сите камбани на тревога опозицијата, која никако да навикне на новата улога. Предолго ја превртуваа наопаку државната каса празнејќи ја како шнајдер џеб. И, наместо вистинска дебата за поправеден и добар даночен систем, гледаме бура во чаша вода, или како што вели за „Независен весник“ професорот Никола Поповски, поранешен министер за финансии: За 99 отсто од граѓаните оваа реформа не постои. Тие не се опфатени со новите мерки на Владата. Во суштина тоа е и најтрагичното сознание во земјата со најголема сиромаштија во Европа и со најниски плати. Сепак, најболно е лицемерието на тие што загрижено секојдневно предупредуваат на мизеријата, а кога треба да се покачат даноците на тие што заработуваат повеќе забораваат на бедните и на сиромашните, го игнорираат фактот дека со праведните даноци се ублажуваат нееднаквоста и се придонесува за поголема социјална правда. Македонија е на врвот на нееднаквост во Европа.
Да се направи фер даночен систем е исклучително тешка и за многу побогатите земји и е една од најзначајните работи за функционирање на секое општество. Основниот проблем е во тоа што на тие што плаќаат во државната каса секогаш им е многу, а на тие што трошат секогаш им е малку. Во сиромашни општества како Македонија, пак, овој проблем е уште потежок бидејќи одбегнување на даноците е национална дисциплина. Сивата економија цвета и при најниски даноци. Да се бркне во чекмеџето и да се извадат еднаш веќе влезени пари и да се даде на државата тоа што ѝ припаѓа, односно да се овозможи подобар општествен стандард, е вистинска трагедија, драма, која македонските големи патриоти не можат органски да ја поднесат. А, да му бркнеш во портмонето на вљубеникот во татковината како да си му бркнал во око.
И сега каде е подобро да бидеш, во оние 99 отсто што ќе плаќаат рамен данок од 10 отсто, или во еден отсто страдалници од стравотниот удар на новиот даночен систем кои ќе мораат да плаќаат уште осум отсто на секој денар над 1.500 евра месечно. Големината на вревата не е поради осумте отсто дополнителни давачки. Туку во вистината дека овие еден отсто се многу влијателни луѓе и ги има и во власта, и во Владата, и во опозицијата и во бизнис-елитата. Проблемот е во тоа што ни рамниот данок не е толку рамен ниту, пак, прогресивниот данок е прогресивен. Досега тој што имаше 100.000 денари месечна плата плаќаше 10.000 денари данок. А тој што имаше 10.000 денари плаќаше 1.000 денари. Значи, десет пати помалку како утеха на бедата. Што не е баш рамно. И сегашниот прогресивен данок е повеќе рамен отколку прогресивен. Ќе беше прогресивен ако данокот на примања над 5.000 евра месечно се покачи на 20 отсто. Над 50.000 евра на 30 отсто и над 100.000 евра над 40 отсто. Ете, тоа би бил прогресивен данок за власт која проповеда социјална правда.
Сузбивањето на сивата економија и избегнувањето да се плати данок, фингираните банкротства и тажалките на газдите со намалување на платите спаѓаат во категорија на ригорозно остра борба на надлежните институции за финансиска дисциплина, перење пари, организиран криминал и корупција, кои се поопасни од даночната евазија. Првите големи ѕверки што ќе седнат на обвинителна клупа за неплатени даноци и за стекнат имот кој не се оправдува со платениот данок на приходи и со конфискација на украдениот имот ќе ја покажат целата катастрофа на големите грабежи на државната каса и државниот имот. Нема подобар даночен систем од тој кога ќе се одреди границата на средната класа со пристоен данок, а сето тоа што е над тоа да се плаќа според методот што повеќе приходи, тоа поголем данок. Кога над 40 отсто од вработените ќе влезат во категоријата каде што сега се само еден отсто, можеме да кажеме дека сме успеале.
Што се однесува до загриженоста за одливот на мозоци по воведувањето на новиот рамно-прогресивен данок, неа најдобро ја искажал нобеловецот Иво Андиќ, цитиран деновиве на социјалните мрежи: „Не е маката во одливот на мозоци, маката е што останаа идиотите во земјата.“ Во Македонија е дополнително отежнат проблемот бидејќи и тие што останаа и најголем дел од тие што заминаа малку се разликуваат.