Грчки медиуми: Сложено име напишано на македонски, можно решение


Сложено име со одредница во кое е содржан треминот Македонија, но напишано на македонски јазик без превод на другите јазици, во грчкиот печат се споменува како можно решение за името.

Како конкретен и евентуален предлог во вчерашните текстови на новинарите од телевизиите „Скај“ и „Антена“, од весниците „То Вима“, „Катимерини“ и „Естиа“, преовладува името „Нова Македонија“, токму како што се изговара на македонски. Ваквите предвидувања и анализи на грчките новинари во голем дел се базирани на изјавата на лидерот на Независни Грци, по мини министерскиот совет во премиерската палата.

Панос Каменос, во четвртокот рече дека останува на неговите позиции, потенцирајќи дека „грчкиот термин Македонија е цврста национална позиција“. Токму придавката „грчкиот“, пред зборот „термин“ е она што прави разлика во однос на досегашните изјави на коалицискиот партнер во грчката влада. Каменос во минатото, најчесто говореше за неприфаќање на употребата на „терминот Македонија“.

„Нова Македонија“ без превод, како што јавува дописникот на МИА од Атина, веќе извесен период во новинарските кругови во Грција се споменуваше како можен конечен предлог на Нимиц.

За „Нова Македонија“, но како име со превод на други јазици, прва објави грчката телевизија „Стар“ минатиот месец, токму на денот кога требаше да се одржи првата средба на Нимиц со претставниците на двете земји, но беше одложена за следниот ден, поради лошите временски услови и неможноста да се стигне во Брисел.

Весниците „То Вима“ и „Естиа“ и телевизијата „Антена“, излегоа со слични анализи дека името можеби ќе биде напишано на македонски, без превод на други јазици.