Град Скопје ќе ги отстранува дивите тезгаџии од тротоарите на Бит-пазар


Нема да има диви тезгаџии по улиците и тротоарите на Бит-пазар и Стара скопска чаршија, ветуваат градските власти.

Во соработка со Општина Чаир, а со поддршка на еснафот на Старата скопска чаршија и Комората на трговци во Република Македонија, од Град Скопје преземаа обврска да ги слободат улиците и тротоарите со цел нормално одвивање на сообраќајот. Во непосредна близина на Бит-пазар предвидено е поставување на нова такси станица, дрвореди, уредување на зелени површини и заштитни столпчиња за тротоарите од двете страни на булеварот.

„Предвидено е да се отстранат сите тезги кои се незаконски поставени на површините кои не се предвидени за таа намена во околината на Бит-пазар и Старата скопска чаршија. Ова се први со цел да се вратат купувачите во чаршијата и пазарот, да се овозможи полесна пристапност до тезгите и дуќаните. Воведувањето ред на ова место значи поголема безбедност и пофункционален град“, изјави денеска портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху. Тој истакна дека Град Скопје има разбирање за трговците кои работат на овие нелегално поставени тезги дека вложуваат многу труд за да заработат за основните средства за живот. Затоа, во соработка со „Скопски пазар“, Град Скопје ќе овозможи на овие луѓе да им бидат понудени на користење тезги во рамки на Бит-пазар под одредени поволни услови.

Салиху информираше дека за таа цел овие лица треба да склучат договор со „Скопски пазар“ АД Скопје, но претходно треба да се јават на телефонскиот број 02 311 880 најдоцна до 5 април годинава. Сите оние кои нема да го сторат тоа и ќе продолжат да продаваат на улица или на тротоар ќе бидат казнети согласно закон од страна на надлежните инспекции.