Гејтс: Даночниот закон е регресивен, треба да плаќам поголеми даноци


Еден од најбогатите луѓе во светот, Бил Гејтс изјави дека треба да плаќа уште поголем данок, апелирајќи на американските власти истото да го побараат и од останатите милијардери.

– Треба да плаќам поголеми даноци. Платив повеќе даноци од било кој друг, над 10 милијарди долари, но Владата треба од поединците, кои се на иста позиција како јас, да побараат плаќање на значително повисоки даноци, истакна основачот на Мајкрософт во интервју за Си-Ен-Ен.

Гејтс, чие богатство се проценува на 86 милијарди долари, исто така, остро ја критикуваше реформата на даночниот закон во САД, со која се намалени даночните стапки за големите корпорации.

– Тоа не е прогресивен, туку регресивен даночен закон, порача американскиот милијардер.

Даночните реформи во САД беа сериозно критикувани од аналитичарите, бидејќи, според нив, ќе го зголемат јазот меѓу богатите и сиромашните.