Германски „Герешајмер“ пред одлука да отвори фабрика во Македонија
Македонија е меѓу двете земји што германската компанија „Герешајмер“ ги разгледува како опција за реализирање на својата нова инвестиција.
Членот на Бордот на директори на медицинскиот одел на „Герешајмер“, Оливер Бургел, вели дека менаџментот е импресиониран од инфраструктурата во Македонија, од условите во технолошко-индустриските зони, како и од посветеноста на Владата да ја направи земјава успешна приказна.
– Очекуваме во последниот квартал од 2018 година Бордот на компанијата да донесе одлука за инвестицијата, изјави Бургел кој директно од вицепремиерот Кочо Анѓушев имаше можност да слушне за инвестициските можности што ги нуди Македонија.
Презентацијата се одржа во производствените погони на „Герешајмер“ во Чешка и во Германија.
„Герешајмер“ е германска компанија, лидер во производството на пластични и стаклени производи за потребите на медицинската и фармацевтската индустрија. Има производствени капацитети во 15 земји во Европа, Азија, Северна и Јужна Америка, а согласно деловниот план планира отворање уште една фабрика.
– „Герешајмер“ е глобален лидер во производство на пластични и стаклени компоненти кој соработува со најголемите медицински и фармацевтски компании како AstraZeneca, GSK, Roche, Novo Nordisk и други. Иницијалните контакти со оваа компанија се направени пред околу осум месеци, а за време на дводневната посета разговаравме со членовите на менаџментот нивната нова инвестиција да ја реализираат во некоја од технолошко-индустриските зони во нашата земја, изјави Анѓушев.
Според него, освен што би се вложиле значителни средства во изградба на производствена хала и набавка на опрема, процесот на производство што е на највисоко технолошко ниво, ќе отвори можност за вработување млади и едуцирани кадри од техничките струки.
Дирекцијата за технолошко-индустриски зони изминатиот период оствари интензивна комуникација со претставниците на компанијата при што се презентирани сите можности за инвестирање и можни локации.
– Планот за економски раст е најконкурентен во регионот, а тоа го покажавме изминативе неколку месеци со новите инвестиции во технолошко-индустриските развојни зони. Се надевам дека и „Герешајмер“ ќе ги препознае можностите и до крајот на годината ќе донесе одлука да инвестира во Македонија, рече директорот на ДТИРЗ Александар Младеновски кој го придружуваше Анѓушев.
Компанијата „Герешајмер“ управува со околу 50 производствени капацитети во 15 земји, во кои работат околу 10.000 лица, а остварува годишен приход околу 1,3 милијарди евра.