Германија и Франција остануваат посветени на Парискиот договор


Парискиот договор за климатски промени што беше постигнат во 2015 година, е само почеток на борбата против глобалното затоплување, на која и се потребни уште поголеми чекори, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел во обраќањето на Конференцијата за климатски промени што се одржува во Бон.

– Знаеме дека Парискиот договор е само почеток. Знаеме и дека со сегашните ангажмани нема да ги постигнеме поставените цели – констатираше Меркел.

Според неа, со предвидените мерки веројатно нема да биде исполента целта за ограничување на зголемувањето на температурите до „многу под два степени“ Целзиусови во споредба со прединдустриската ера, па затоа се потребни дополнителни мерки.

Меркел посочи дека прашањата кога и како Германија ќе се откаже од јагленот при производство на електрична енергија е една од клучните теми во преговорите за формирање на нова влада. Земјата во моментов добива 40 отсто од електричната енергија од термоцентрали на јаглен.

Францускиот пртседател Емануел Макрон ги повика сите држави во светот да го забрзаат преминувањето кон почиста енергија, со цел да се ограничат климатските промени и на тој начин да го компензираат повлекувањето на САД од договорот.

– Франција ќе помогне да се покрие недостигот од финансии за истражувања во областа на климатските промени, што ќе нстана со повлекувањето на САД од договорот, и постепено ќе го прекинува прозводството на електрична енергија од јаглен до 2021 година, додаде Макрон.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш ги повика владите на земјите од целиот свет да ја одредат цената на емисиите на јаглерод диоксид, со цел да помогнат во борбата против глобалното затоплување и да ги прекинат лошите вложувања во фосилните горива.

На конференцијата во Бон, што запона на 6 ноември и завршува в петок, се разговара за деталите на Парискиот договор за климатски промени од 2015 година, кој има за цел да ја заврши ерата на употреба на фосилни горива во текот на овој век.