В сабота од Музеј до Плоштад ќе се свират „чекорници“


Градскиот дувачки оркестар во сабота од 11 часот, ќе одржи променаден концерт со познатите таканаречени „Чекорници“. Музичарите ќе тргнат од пред Музеј на град Скопје кон улица „Македонија“ и ќе се движат до плоштадот „Македонија”.

Програмата за музичката променада предвидува да се изведат „Младинска чекорница“, „Вардаре македонски“, „Патриотска чекорница“, „Дикси парада“, „Вашингтон пост марш“ и уште пет други чекорници.

Градскиот дувачки оркестар е составен од членови, главно професионални музичари, како и студенти на Факултетот за Музичка уметност во Скопје. Досега, има настапувано на речиси сите значајни манифестации, државни празници, најразлични настани, давајќи им свечана нота на истите. На репертоарот на оркестарот се наоѓаат дела на Добсшески, Милер, Харисон, Макартни, Леј, Моцарт, Андерсон, Манквина, Верди, Штраус, Ленон…