Вработените од Државниот архив со петиција да се вратат во старата зграда


Вработените од Државен архив и од Институт за национална историја, покренаа петиција за враќање на Државниот архив во неговат стара наменска зграда, а за нивното барање го известија и премиерот Зоран Заев.

„Државниот архив на Република Македонија беше една од ретките институции која беше сместена во наменска зграда, изградена по сите светски стандарди за архивската дејност. Поради своето стратешко значење, Архивот беше сместен во зоната на интелектуалното јадро во Скопје (МАНУ, Универзитет “Свети Кирил и Методиј“, Универзитетска библиотека, Институт за национална историја, Институт за македонски јазик, Институт за старословенски јазик). Околу зградата на Архивот постоеше безбедносна зона, внатрешно и надворешно обезбедување, паркинг и пристап за товарни возила. Ваквата поставеност и третман на Државниот архив обезбедуваше соодветна грижа за документарното историско наследство што како општество сме должни да го сочуваме за следните поколенија. Но за жал, поради непромислена бирократска одлука, Државниот архив беше доведен до состојба да не може да ја извршува својата основна дејност. Имено, во рамките на проектот „Скопје 2014“ беа изградени повеќе административни објекти во кои беа сместени државни органи и јавни институции кои немаа административен простор. За разлика од нив, на Државниот архив на Република Македонија му беше одземена наменската зграда, со одлука на претходната Влада на РМ, бр. 41-874/1 од 21-02-2012 година, објавена во Службен весник на Република Македонија бр. 32/2012, и Архивот беше префрлен во зградата на Археолошкиот музеј на Македонија (6 и 7 спрат). Во дел од стариот објект остана да функционира Институтот за национална историја, додека просториите на Државниот архив на Република Македонија му беа доделени на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Веќе 4 години познатата зграда на Државниот архив на Република Македонија, која изминативе 65 години удостои врвни научници, академици, професори, претседатели на држави, министри, директори на многу странски архиви и најважно од се, граѓани корисници на архивскиот материјал, стои празна и разрушена, а Архивот едвај успева да функционира во потполно несоодветен простор за неговата дејност“.