Во престрелка со албанската полиција, убиен Грк


Во престрелка со албанската полиција, во селото Буларат во Албанија денеска беше убиен 35-годишен Етнички Грк. Како што јави дописничката на МИА од Атина, инцидентот и убиството на Константинос Кацифас го потврдија и од Министерството за надворешни работи на Грција, од каде што велат дека наводно со калашников, тој отворил оган кон возило на албанската полиција која се обидела да го уапси и додаваат дека грчките власти се во континуиран контакт со албанските власти.

„Во секој случај, неприфатлив е фактот што акцијата (на албанската полиција) достигна до точка да се загуби човечки живот. Од албанските власти очекуваме целосно да ги расчистат околностите под кои грчкиот државјанин го загуби животот и веднаш да се преземат неопходните мерки“, соопштуваат од грчкото МНР.

Официјално не се познати, ниту соопштени причините за престрелката, но медиуми во Грција, повикувајќи се на информации во албанските медиуми, пишуваат дека инцидентот бил поради тоа што Константинос Кацифас поставил грчко знаме на грчките воените гробишта во селото Буларат во Албанија, по повод денешниот национален празник во Грција и интервенцијата од албанската полиција да го отстрани знамето.