Во Македонија сто илјади деца живеат во сиромаштија


Детската сиромаштија зема замав, истражувањата покажуваат дека таа влијае врз сите аспекти од животот и има долгорочни последици врз физичкиот, когнитивниот и социјалниот развој на децата. Од негативните ефекти не се засегнати само идните генeрации, туку и општеството и економијата на земјата. Сто илјади деца, односно секое четврто во Македонија живее во сиромаштија. Податоците на мултииндикаторското кластерско истражување покажуваат дека само едно од триста сиромашни посетува градинка, а една третина не одат во средно училиште. Дури шест пати е поголема веројатноста девојчињата кои живеат во сиромаштија да се омажат пред својот осумнаесетти роденден, а двојно е поголема веројатноста да бидат физички дисциплинирани од своите родители во споредба со другите деца.

За да се стави крај на детската сиромаштија, потребно е да се преземат итни мерки. Претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс, вчера изјави дека за да се подобри оваа слика мора, пред сè, да се почне од децата, бидејќи шансите да бидат сиромашни кога ќе пораснат се големи, а со тоа да продолжат да го повторуваат меѓугенерацискиот круг на сиромаштија. Детската сиромаштија е разорна за децата, затоа што ги лишува од можностите, да играат, да учат, да напредуваат токму тогаш кога најмногу им треба. Лошата исхрана, пак, влијае врз нивниот развој. За да се спречи овој циклус, тие ја поддржуваат Владата во три области.

„Првата област е суштинска реформа на системот за социјална заштита, кој треба  да допре до сите лица кои имаат потреба од тоа и ќе им помогне самите да се извлечат од сиромаштијата. Втората област е насочена кон дигање за 50 отсто на оние деца кои не одат во градинки, да почнат да одат, со фокус на децата кои живеат во сиромашни услови. Третата сфера е соработка со здравствениот сектор и секторот за социјална заштита во давање поддршка на родителите за изградба на родителски стратегии со кои ќе ги охрабруваат и ќе им помагаат на своите деца да се развиваат и побргу да излезат од сиромаштијата“, истакна  Перкс.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска подвлече дека социјалната реформа која треба да започне од почетокот на наредната година треба да го преобрази целото општество и да помогне во справувањето со детската сиромаштија. Таа објасни дека на сите домаќинства кои примаат гарантиран минимален приход и за оние со минимална плата ќе им обезбедат детски и образовен додаток.

„Досега не повеќе од 3.500 деца примаа детски и образовен додаток. Тоа е речиси ништо. Но, сега повеќе од 60.000 деца ќе ги примаат овие два додатоци и тоа е голем исчекор напред во борбата против детската сиромаштија“, рече Царовска.

Според Перкс, износот од 55 евра е доволен за да им се помогне на децата кои се сиромашни, меѓутоа овие приходи, паричната и социјалната помош не се доволни за да се извлече семејството од сиромаштија.

„Треба да се инвестира во образованието, во креирање нови работни места, во странски инвестиции за да се овозможат нивно самостојно егзистирање и извлекување од сиромаштијата“, додаде Перкс.

Претставникот од Светска банка, Марко Мантованели, забележа дека и покрај вложените напори многу деца живеат во сиромаштија, а со тоа и нивните шанси за напредување се намалени.

„Не се работи само за прашањето на индивидуална рамноправност, туку се работи и за прашањето на растот и развојот на Македонија. Неодамна завршивме активности во врска со пристапот до социјална заштита во предучилишното образование, со цел да се подобрат шансите на децата во понатамошниот живот“, рече Мантованели.

 

Вероника Мароска-Леова

Борис Грданоски-фоторепортер