ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од Нухиу за 27 април
ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност за настаните од 27 април 2017 година од Агим Нухиу, кој беше технички министер за внатрешни работи до изборот на новата влада на СДСМ и ДУИ.
Орце Ѓоргиевски од ИК на ВМРО-ДПМНЕ се повикува на изјавата на Нухиу пред Јавното обвинителство, каде што, како што наведува, кажал дека вечерта на 27 април, додека биле настаните во Собранието, некои групи вооружени Албанци се собирале во Чаир, па поранешни борци на УЧК се подготвувале за акција.
„Дали има вооружени групи во Чаир и околу Скопје или Нухиу се обидува да му угоди на СДСМ, да се спаси од одговорност и да ги намести обвинетите за настаните од 27и април. Под претпоставка дека Нухиу ја говорел вистината се поставува прашањето зошто тој од позиција на министер и заменик министер за внатрешни работи не преземал ништо со цел неутрализирање на оваа вооружена формација? Од каде им е оружјето на тие групи на луѓе и дали истите го поседуваат легално? И доколку Нухиу знае дека во Скопје постои вооружена група на луѓе која може во секој момент да се вооружа и да биде спремна за конфликт, зошто оваа информација не ја споделил навремено пред Јавното обвинителство, туку чекал да поминат месеци од настанот“, прашува Ѓоргиевски.
Според него, загрижува фактот што МВР управувана од Оливер Спасовски не покренува истрага кои се тие луѓе што се наоружани и дали тие легално го поседуваат оружјето.
„Непреземањето на мерки за сузбивање и неутрализирање покажува дека власта не ја интересира безбедноста на државата и заканите по уставниот поредок. За сметка на зачувување на власта и меѓукоалициските договори од страна на СДСМ и ДУИ се толерираат вооружени банди и нивните посредници кои се во директен контакт со функционерите што само ги пренесуваат заканите наместо да постапуваат по нив“, вели Ѓорѓиевски.
Тој изјави дека органите на прогонот мора сериозно да го сфатат сведочењето на Нухиу и да покренат соодветна постапка. Дури и да лажел и да имал намера со несериозната изјава да влијае во истрагата за 27 април, Нухиу, според ВМРО-ДПМНЕ, мора да понесе одговорност.