Владеење на правото
Александар Николоски
Велат дека секогаш кризите се добар повод да се погледне назад, да се направи анализа и да се оди напред. Така е и за ВМРО-ДПМНЕ овој пат. Да се свртиме назад да видиме што се случувало, да направиме добра анализа и да одиме напред.
ВМРО-ДПМНЕ во своите 27 години постоење имала неколку критични точки после кои партијата, чистејќи го делот кој својата продуктивност ја заменил со товар на партијата, излегувала многу помоќна и поорганизирана. На последната седница на централниот комитет се случи она што беше неопходно за да може организацијата да продолжи напред за просперитетот на државата.
ВМРО-ДПМНЕ го поседува оној редок механизам што ретко која друга партија го има, а тоа е расчистување со сè она што претставувало баласт и носело лошо практики со себе од минатото дејствување. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, која континуирано расчистува со своите личности кои се синоним за несовесно дејствување, СДСМ досега никогаш се нема оградено од своите транзициски кадри кои сè уште се во рамките на таа политичка партија. Не слушнавме ни збор за транзициските мангупи, ниту за состојбата во која ја оставија Македонија. И во двата случаи тоа се одразува на државата, во првиот случај позитивно, во втората негативно, бидејќи какви се условите и практиките во политичките партии, така се пресликуваат и на државата. Тоа е големата разлика помеѓу нас и СДСМ.
По последната седница на централниот комитет во ВМРО ДПМНЕ повеќе ништо нема да биде исто, завршивме со хипотеките и лошите практики во партијата.
Во име на европските вредности на кои се повикуваме сите, некои само декларативно, а ние суштински, Јавното обвинителство мора да поведе постапка за притисоците што биле вршени врз пратениците за да гласаат за уставните измени. Доколку владеењето на правото е првото начело во она што го нарекуваме европски вредности, тогаш истрага за овие случаи е неопходна. Секако, не очекуваме дека таа истрага ќе биде веднаш спроведена бидејќи власта ги штити токму оние кои вршеле притисок, а кои ние ги исклучивме од партијата, но правда секако ќе има бидејќи тоа е вредност која ние ја носиме со себе.
И после сè, конечно во Македонија се исцртаа контурите на политичката сцена, од едната страна се наоѓа новата коалиција помеѓу личности со голем товар врз себе, од другата страна се наоѓаат личности кои не влечат опашки и товари од минатото. Изборот на граѓаните, кога и да се случи тој, ќе биде несомнено за просперитетна Македонија.
Низ овие денови се поставија многу прашања на системот на владеење на правото и правната држава. Се постави прашањето дали тие постојат или се само во функција на политиката. Зашто кога е второто тогаш нема никаква сигурност и тоа е отворен пат кон пропаст. И затоа силна посветеност кон градење на еден независен, но е потребен реално независен систем на владеење на правото и силни институции.
Стана неподносливо да се слуша како се тргува со правото и правдата и тоа е така цели 27 години. А, кога нив ги нема, тогаш нема ни држава ни систем. Кој би развивал бизнис, би вложувал себеси да направи дополнително добро ако нема правна сигурност и му е загрозена иднината. Кој би останал да живее во држава во која основните човекови права не му се гарантирани. Кој би сакал да живее во држава каде по политичка нарачка се злоупотребува правдата. Тоа се рационалните прашања на кој треба одговор. Да погледнеме одговорно и посветено на ова прашање. Затоа што интеграцијата во НАТО и ЕУ не може без силен систем на владеење на правото. Токму тоа се прашањата кои први се отвораат при почеток на преговори со ЕУ. Прашања на кои мора да најдеме одржлив одговор.
Деновиве бевме сведоци на силно поигрување со нив. Се надевам дека постапките на ВМРО-ДПМНЕ ќе придонесат кон враќање на вистинскиот пат и престанок на злоупотребите на правото и правдата.
Тоа е единствениот пат за Македонија.