Вкупно 11 лица заболеа од мали сипаници за само три месеци
За три месеци во Македонија регистрирани се 11 случаи на мали сипаници. Осум од заболените лица живеат во Скопје, а по еден во Куманово, Тетово и во Охрид, информираа од Институтот за јавно здравје.
За споредба, минатата година биле регистрирани вкупно 19 случаи. И тогаш, најголем дел од нив (16) биле во Скопје.
Според податоците на Секторот за превенција и контрола на заразни болести, а според датум на заболување, во јануари се регистрирани четири случаи и седум во февруари. Заболеното лице кое е регистрирано во Охрид било на привремен престој во градот кај роднини, а со адреса на живеење во Призрен, Косово.
Од заболените од мали сипаници во 2017 година, 14 лица не биле вакцинирани, четворица биле на возраст над 29 години и биле вакцинирани со една доза, а едно лице со две дози. Индексниот случај во епидемијата било и едно невакцинирано дете кое имало контакт со сомнителен случај во Косово.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, хоспитализирани биле седум од заболените лица, а кај два случаи се регистрирани компликации во вид на пневмонија.
Од Институтот информираат дека биле превземени мерки со кои е спроведено епидемиолошко истражување на секој поединечен случај на мали сипаници, проверен е вакциналниот статус на сите зболени лица и нивните контакти. Од таму препорачуваат да се продолжи со засилениот епидемиолошки надзор над исипните трески. Секој случај на мали сипаници кој исполнува клинички критериуми епидемиолошки да се истражи и лабораториски да се тестира. Да се анимираат матичните лекари/педијатри да ги пријавуваат сите сомнителни случаи до епидемиолошката служба на надлежниот Центар за јавно здравје, во рок од 24 часа од откривањето и да го упатуваат пациентот на преглед кај специјалист инфектолог.