Вера Мештеровиќ за „Независен“: Ароганцијата ѝ одмага на убавината
Мис на Македонија за 1996 година, Вера Мештеровиќ (39), со својата безвременска убавина и однесување е модел за сто години. И по две децении завидна манекенска кариера, сè уште е барана и ангажирана поради природниот изглед, витата става, импозантната висина од над 180 см и професионалниот однос.
Во спотот за новата песна на Владо Јаневски „Откако си негова“, која ќе биде промовирана и во Хрватска, ја игра главната улога, неодамна го водеше традиционалниот Виенски бал во Скопје, а минатиот месец на „Златна бубамара на популарноста“ ја освои наградата за најпопуларен македонски модел.
Во ексклузивното интервју за „Независен весник“, Мештеровиќ откри дека убавината е одговорност, дека не се живее од стара слава и кои се тајните на нејзиниот добар изглед.
Како ексмис на Македонија за мис на светот и славна манекенка, што за тебе е дефиниција за убава жена?
– Физичката убавина низ годините претрпува одредени промени кај секоја жена. Зрелоста и искуството што го стекнуваме низ тие години оставаат понекоја трага на лицето. Тоа се тешко спечалени белези како доказ за нашата зрелост. Паралелно со тоа, внатрешната убавина, која е побитна, добива на силина и тежина преку истите тие животни процеси. Дефиниција за убава жена, според мене, е токму тој спој меѓу внатрешната убавина и физичката, надворешната убавина. Едно без друго не можат да направат целина. За да биде жената комплетна, нужно е овие две да бидат во еден постојан баланс.
Како да се издвои убавицата од толпата убави и паметни жени? Кој е тој икс-фактор кој во 80-тите го промовираше Елен Форд?
– Х-фактор не се учи ниту се стекнува низ времето. Или го имаш или го немаш. Неслучајно се вика Х-фактор. Оној што го поседува може да го употреби за себе и во својата модна или шоу-професија, да го надгради со некои вежби и доедукација.
Убавата жена може да се истакне меѓу другите убави жени и со својот однос спрема публиката, со скромност и човекољубие, со емпатија, со добрина и разбирање. Најголем непријател на убавината може да биде ароганцијата.
Дали го разбираш денес трендот на анорексични манекенки и на „плус сајз“?
– Отсекогаш постоеле трендови во модата, кои отстапувале од стереотипите на кои навикнала публиката.
Анорексијата, како медицински класифицирана состојба, за мене не може да биде прифатена, колку и да посакува некој да ја наметне како тренд.
„Плус сајз“ моделите за мој вкус се поприфатливи, особено кога не станува збор за патолошка дебелина туку за прифатливо зголемена телесна тежина, која честопати може да изгледа и привлечно.
Дали славата те смени?
– Секако дека не е исто кога сте јавна личност. Круната е општествена одговорност, препознатлива сум по својата благородност, духовност, по мојата харизма, насмевка, позитивност, чесност, природност, хуманост, емпатија, професионалност, доследност, одговорност, истрајност, добрина, пожртвуваност, сега сум и мајка така што не е сеедно и секако дека внимавам и се трудам да сум најдобрата верзија од себе за мене, за моите деца, па така и за пошироката јавност.
Се појави на сцената кога манекенките навистина беа брендови, а ти заедно со Весна Додевска бевте заштитни лица на македонската модна компанија „Систина“. Кои беа привилегиите тогаш?
-Модната куќа „Систина“ ми е еден од најубавите ангажмани во животот, како заштитно лице. И ден-денес со сите соработници сум во контакт, дури и се дружиме на кафе или ручек. Олга Костовска ни овозможи да се чувствуваме како вистински ѕвезди со целосен третман, грижејќи се за нашиот имиџ и изглед со тој концепт и претставувајќи ја модната куќа „Систина“. Целосна гардероба од глава до петици и секојдневни третмани во козметички салон. Обврска ни беше да одиме на работа во модната куќа, да пробуваме модели што се во изработка за нови колекции, разни фотосесии, сликање за актуелни списанија и одржување на добриот изглед. Покрај ревии што се правеа во нашата земја, „Систина“ учествуваше и на ревии надвор од нашата земја, секојпат врвно организирани. Прекрасни спомени!
Сè уште си ангажирана во модниот и музичкиот свет во Македонија и во регионот. Дали може да се живее од стара слава?
-Точно, во последниот период сум повторно присутна во модниот и јавниот живот и тоа не е резултат на стара слава туку исклучиво моја определба да прифатам ангажман, секако изменет и различен од претходно, согласно со мојата возраст и општествен статус. Денес јас сум мајка и зрела жена. Старата слава е од едно друго време, многу различно од сегашното.
Која е тајната на твојот изглед, освен генетскиот?
-Навистина се трудам да се хранам здраво, пред сè, и поради децата. Настојувам да е правилно застапена пирамидата за здрава исхрана, зеленчук, овошје, повеќе риба, помалку црвено месо, доста течности, зелен чај, вежбам пилатес.
Кои се твоите козметички и животни ритуали?
-Козметички третмани, пилинг, маски за лице, дневен, ноќен крем, си угодувам со прошетки во природа, друштво, убава храна, мир, тишина, добра музика, купки, филм, да прочитам за здравје, општо за децата.
Дали во текот на кариерата имаше идол меѓу светските манекенки?
-За моја среќа, во времето кога активно работев на овие простори, имав прилика да растам и да земам пример од најдобриот тим од модели во тоа време, а верувам дека и досега не се појавила таква квалитетна екипа како Синди Крафорд, Кристи Тарлингтон, Клаудија Шифер… Наоми Кемпбел и Карла Бруни.
Сите тие, на некој начин, беа мои идоли, жени кои и тогаш, како и сега, со својата појава, став и држење, предизвикуваат особен и единствен впечаток кај јавноста.
Како изгледа еден твој ден?
-Станувам рано во 7 часот, ги будам децата обично со музика, ги носам на училиште. Потоа ги завршувам работните обврски. Ги земам децата од училиште, ручаме, па продолжуваме со попладневни активности како домашни задачи, фудбал, балет, роденден, гости, прошетки, игралиште, кино. Си доаѓаме дома, вечера, подготовка за спиење, си легнуваме во 21 или 21:30 часот, јас исто со нив. Некој пат останувам да гледам нетфликс, па си легнувам околу 23 или 24 часот. Во кратки црти, тоа ни е секојдневјето.
На кои животни лекции ги учиш децата?
– Она на кое ги учам моите деца и за кое сум сигурна дека ќе им послужи низ животот… тоа се, пред сè, чесност, доследност, умереност и скромност. Тоа се, според мене, неколку од основните постулати за секој млад човек да се оформи во здрава и квалитетна индивидуа. Секако, ги учам и да ги почитуваат повозрасните, да имаат разбирање за сите, да ги сакаат луѓето и животните. Да ги почитуваат и чуваат околината и животната средина, да бидат благодарни и позитивни.
Лејла Сабит Фото: Приватна архива