Бесплатни тезги за дивите продавачи на лубеници


Продавачите на дињи и лубеници од камиони ќе добијат бесплатни тезги на зелените пазари. Единствениот услов што треба да го исполнат е да се регистрирани земјоделци, најави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Градот Скопје во заедничка акција со Државниот пазарен инспекторат и МВР, како и со асистенција на јавното претпријатие „Улици и патишта“, минатата недела започна акција за отстранување на камионите со овошје и зеленчук паркирани по тротоари и паркови. Шилегов нагласи дека овие продавачи, кои продаваат само два до три месеци во годината, нема да бидат оставени без заработка, но само доколку се земјоделци, а не и препродавачи.

Дополнително, во Бардовци, на местото каде што секоја година времено се поставуваат тезги додека е сезона на продажба на зелка, истите тезги ќе се поставуваат и во летниот период за продажба на дињи и лубеници. Од идната година секоја општина ќе треба да има регулирано начин како да се продава сезонска стока, дали во рамките на постојните пазари или, пак, со отворање на уредени времени локации како во Бардовци.

„На зелените пазари има над 3.000 тезги и доволно место да се сместат сите што сакаат да работат. За земјоделците што едвај врзуваат крај со крај и ова им е единствен приход ќе им понудиме бесплатни тезги“, рече Шилегов.

Акцијата за расчистување на нелегалните продавачи започна во мај со расчистување на тротоарите околу Бит-пазар. На овие продавачи им беше предложено да го легализираат бизнисот и да прифатат една од 130 слободни тезги на пазарот, а добија и понуда два месеца да не плаќаат за тезгата. Расчистувањето продолжи во општините Карпош и Аеродром, а Шилегов вели дека ќе се спроведува низ целиот град, додека сите диви продавачи не се сместат во пазарите.

„Не можеме да бидеме селективни. Она што го почнавме на Бит-пазар треба да важи секаде во градот. Тоа што е важно е што имаме решение за социјалните категории, така што нема да има компромис за никој“, вели Шилегов.

Акцијата за расчистување на дивите продавачи се спроведува по барање на жителите, за да се стави крај на нехигиената и нередот што го оставаат, како и по барање на продавачите што имаат закупено тезги на зелените пазари и плаќаат за користење на тие тезги со цел заштита од нелојална конкуренција. Во Карпош и во Аеродром беа запленети над 10 тони стока, најмногу лубеници и дињи, а инспекторите изрекоа и осум казни на нелегални продавачи за прекршување на Законот за јавна чистота.

Сања Наумовска