Белизе-газдите да си го кажат името во Централен регистар


Се затегнува работењето со кеш. Нема да може да се плати во готово стока или услуга ако чини над 2.000 евра. Со постојниот закон за спречување перење пари границата е ставена на 15.000 евра. Владата на последната седница го прифатила текстот на новиот предлог-закон и образложи дека новата регулатива оди во насока на намалување на сивата економија. Во последниот извештај, Европската комисија забележува дека една од клучните слабости во економијата е токму сивата економија. Според проценките, неформалната економија изнесува меѓу 30 и 40 проценти, а Управата за јавни приходи ја лоцира во пријавувањето помали приходи, издавањето фиктивни фактури, манипулациите со фискалните сметки.

„Сѐ повеќе ќе се затвораат каналите за користење готовина во трговски трансакции со правни лица“, вели даночниот експерт Павле Гацов. Тој најавува заострување на контролата и со други мерки, за што ќе следуваат измени во неколку закони, што би влијаело на подобрување на бизнис-климата.

„Досега, за нотарска заверка на промет, само доколку беше над 15.000 евра, нотарот те тераше да го извршиш плаќањето преку трансакциска сметка, иако  голем дел од нотарите и за помали износи не прифаќаа небанкарско плаќање. Досега можеше да купиш автомобил, стан до 15.000 евра со кеш плаќање, но откако законот ќе почне да важи, само до 2.000 евра. Ќе следува уште построга регулатива, само елементарни потреби ќе може да се плаќаат во готово, сѐ друго ќе мора со картички“, укажува Гацов.

Со предлог-законот под удар ќе бидат и носителите на јавни функции.

„Во 2014 биле направени измени и од законот се изземени носители на јавни функции да бидат под зајакнати контролни механизми за можност за перење пари. Ние ова го изменивме и проширен е опсегот на именувани функционери, врз кои ќе се применуваат зајакнати механизми, ќе бидат проверувани за можност за перење пари. Ова е политичко прашање, некој ги изземал во Македонија да не бидат под мониторинг“, изјави вчера владиниот портпарол Миле Бошњаковски објаснувајќи дека со законот за трговски друштва ќе се избришат одредбите за тајни друштва за да се зголеми транспарентноста на правниот промет и да се намалат можностите за даночно затајување. Во моментов Централниот регистар нема обврска да има информација кое лице е вистински сопственик на фирмата. По ново, нема да може правно лице да биде вистински сопственик на друго правно лице. Ќе мора да постои податок кој, со име и со презиме е мнозински сопственик.

„Ова е обид да се соголат сопствениците на фирмите кои работат во Македонија а се регистрирани во Белизе, Панама и другите даночни раеви. Тие сега се кријат зад адвокати, дури нашиот закон дозволува и тајни друштва без да се знае кој е сопственик. Намерата е да се препознае последниот граѓанин кој стои зад фирмата. Лесно може да кажете дека фирма НН стои зад друга фирма,  ама не знаеш кој е вистинскиот сопственик. Интенцијата е да се знае кој е сопственикот на НН, бидејќи тука често пати се кријат можности за перење пари. Добро е што ги опфаќаат политичарите, зашто откако беа иземени, се направи хаос, во контекст на изнесување па враќање пари во земјата“, објаснува Гацов.

Дали и колку оваа регулатива ќе функционира, ќе зависи само од политичката волја, зашто експертите укажуваат дека во време на дигитализација со многу малку пари можеш да ги контролираш тековите на парите и трансакциите.

Анита Салтировска