Аргентина-Франција во сабота, Хрватска-Данска во недела


Фудбалерите на Аргентина успеаја да се провлечат во осминафиналето од Светското првенство во Русија откако синоќа во драматичен меч ја совладаа Нигерија со 2-1. „Гаучосите“ поведоа со голот на Меси во 14. минута, потоа погодија статива, но работите се сменија во вторито дел. Нигерија израмни од сомнителен пенал во 51. минута (Мозес), а потоа пропушти две чисти шанси со победа да го запечати поминот во следната фаза. Во еден момент, имаше сомнителна игра со рака во шеснаесетникот на Аргентина, но по прегледот на ВАР снимката, не беше досуден пенал. На четири минути пред крајот на мечот, Рохо го постигна победничкиот гол за сино-белите.

Во прилог на Аргентина одеше и резултатот од вториот меч во групата Д, каде Хрватска, со втор тим (од првотимците играа само Модриќ и Перишиќ) го совлада Исланд со 2-1 и со максимални девет бода ја освои првата позиција. Стрелци на головите за „коцкестите“ беа Бадељ и Перишиќ, за Исланд погоди Сигурдсон од пенал.

Во осминафилето Хрватска ќе игра против Данска (недела, 20 часот), а Аргентина против Франција (сабота, 16 часот).