Антикорупциска – „тапа џонсон“ или прв непријател на власта?


Новините во Законот за спречување корупција со кои се зголемуваат надлежностите на Антикорупциската комисија, но и се заоструваат критериумите за избор на нејзините членови, го вратија оптимизмот кај јавноста дека таа конечно професионално и независно ќе профункционира. Експертите, сепак, посочуваат дека без оглед на квалитетот на правната рамка неколку фактори ќе бидат пресудни за тоа дали оваа институција од инсталација на власта ќе се претвори во нејзин непријател број еден, со оглед на тоа што државните институции се во фокусот на контролниот радар. Но клучното, како што нагласуваат тие, е личниот интегритет на идните членови на Комисијата. Според предложените измени, тие сега ќе може да отвораат постапки пред судските инстанции, ќе имаат контрола на секој денар во финансирањето на политичките партии, а се прецизираат и обврските на останатите државни органи на кои ќе им се обраќа Комисијата, која досега служеше за подбив.

„Добро е што ќе се следи финансирањето на политичките партии. Според постоечките закони, повеќе институции се надлежни за контрола на партиските буџети, но праксата покажува дека практично никој не е надлежен“, вели Слаѓана Тасева од „Транспаренси Македонија“.

Со измените, оценува таа, дефинитивно се настојува да се деполитизира изборот на членовите и претседателот на Антикорупциска комисија, а се воведуваат и посериозни критериуми за избор на членови, кои, како што вели, треба да имаат дебело искуство во областа на спречување на корупцијата и се отвора простор и за личности од граѓанскиот сектор.

Претседателот, кој досега практично никој не го знаеше, треба да има најмалку петнаесет години работно искуство во професијата, од кои најмалку десет години работно искуство во областа на спречување на корупцијата и владеење на правото. Членовите, пак, треба да имаат багаж од дванаесет години во професијата, а осум во соодветните области. Без оглед на нивниот професионален габарит, на крајот од денот тие повторно како и досега ќе бидат избрани со политичка одлука, во македонското Собрание. Го стеснува ли тоа просторот за независно и непристрасно дејствување?

„Изборот не може поинаку да се спроведе“, категорична е Тасева. Широкиот дијапазон на надлежности и построгите критериумите за избор на членови, според неа, е еден тип гаранција за професионално работење. „На крајот пак доаѓаме до тоа дека се зависи од луѓето. Односно од тоа дали тие ќе потклекнат на евентуалните политички притисоци и ќе станат политички лојални, или, пак, ќе преовладее нивниот професионален и личен интегритет“, вели Тасева.

Битката со корупцијата е застрашувачки бавна, до степен што таа станува очекувана. Индекс за перцепција на корупцијата на „Транспаренси интернешнл“ објавен во февруари годинава покажа дека Македонија е најлошо рангирана на Балканот – на 106. место во 2017 година, за разлика од 90. место во 2016 ( најдобра е Хрватска на 57 позиција). Затоа и реформите во Антикорупциска комисија веќе подолго време се заговараат во јавноста. Особено во делот дека Македонија има најстар закон, како што јасно забележа при последната посета на Скопје, Драго Кос, претседател на работната група на ОЕЦД за поткуп во меѓународните деловни односи и поранешен претседател на Антикорупциската комисија во Словенија.

Според стариот закон, во рамките на надлежностите на Антикорупциската комисија спаѓаа и невладините организации. Неизвесно е дали таа одредба од законот ќе остане да важи, по реакциите од невладиниот сектор.

„Наш став е дека невладините организации не треба да бидат опфатени со законот, бидејќи целта на Комисијата е контрола на институциите на власта“, смета Тасева.

Првичната идеја, како што вели Тасева, која ќе биде дел од експертската работна група која во вторник почнува со разгледување на предложените измени, била да се напише целосно нов закон – со спојување на Законот за судир на интереси и Законот за спречување на корупција, зад која застанала и таа.

„Нејасно е зошто наеднаш се пристапува само со измени на Законот за спречување на корупцијата. Станува збор за политичка одлука, веројатно од причини што подолг период е блокирано формирањето на новиот состав на Антикорупциската комисија“, вели Тасева.

Последниот состав, кој се разбега откако беше фатен во незаконско работење, за што отвори случај и Јавното обвинителство, премиерот Зоран Заев во ТВ-интервју на крајот од минатата година го нарече „тапа џонсон“.

„Оваа Комисија сега е ‘тапа џонсон’, нема врска, не треба да постои. Но јас не сум Груевски за да се мешам во независни тела“, рече Заев. Останува да видиме како ќе изгледа новиот состав на Антикорупциска, но и колку власта ќе и дозволи да ги спроведе своите надлежности и да удри во врвот на пирамидата.

Наум Котевски