Антикомунисти загрижени за АСНОМ


Ерол Ризаов

Судирот меѓу незнаењето и емоциите кај македонските патриоти е рајска градина за берење отровни плодови. Трогнувачка е деновиве големата загриженост за судбината на одлуките на АСНОМ, баш во делот кој е неостварлив. Довчерашните креатори на маргинализацијата на антифашистичката борба и НОВ и осведочени антикомунисти сега се поголеми борци од директните учесници на АСНОМ и основачите на Федерална Македонија, првата македонска држава.
Импресионира жестината на одбрана на историскиот документ од заседанието на АСНОМ во кој се повикува обединување со Македонците од Бугарија и од Грција. Илузија која и по 74 години им го мати умот, не на организаторите на оваа пропаганда да не се донесат уставните измени, бидејќи тие ги знаат добро реалните изгледи за остварување на еден таков оправдан стремеж на македонскиот народ во годините на Втората светска војна крунисан со одлуките на АСНОМ, туку на тие што уште веруваат во вакви лаги и очигледни манипулации. Да се поддржува уставна определба за обединување на Македонија со делови од Бугарија и од Грција денес е како оној сулудничав традиционализам кога по еден член на британско семејство бил задолжен да гледа на Ла Манш да не тргнал Наполеон со флотата да ја нападне Англија. Ако ова во Британија било до вчера туристичка атракција, да се зборува за уставни одлуки денес во 2018 година, кои наложуваат обединување на Македонија во етнички граници, е самоубиствен чин дури и да сме светска велесила, а не мала и сиромашна земја која си го бара своето место во демократска Европа. Ако 1944 година по петгодишна војна било сосема разбирливо да се бара обединување на Македонија во етничките граници, денес тоа е најголемата будалаштина која служи само како параван и како уште еден глупав обид за попречување на договорот со Грција да не добие зелено светло со прифаќање на уставните промени.
Всушност, со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за итен закон за амнестија на сите учесници во крвопролевањето во парламентот на 27 април лани, без да се рангира праведно и поединечно тежината на одговорноста во судска постапка на организаторите на обидот за државен удар и на прогласување вонредна состојба, како и на насилниците извршители на тешки кривични дела со обиди за убиства и на оние што имаат помала вина, е всушност јасно изразено признание дека не се во прашање уставните измени, ниту договорот со Грција ниту евроатлантските интеграции, туку одбегнување на одговорноста за тешки кривични дела на организаторите на настаните од 27 април, за попречување на правдата и за други тешки кривични дела за кои веќе се водат судски постапки и истраги.
Постојат стотици докази за односот на вмровските челници кон АСНОМ, НОВ и воопшто кон историјата на Македонија. Негирањето на словенското потекло на македонскиот народ, проблематизирањето на македонскиот јазик како еден од словенските јазици од индоевропската група, лустрирањето на основоположниците на македонската држава и култура и нивно прогласување за предавници и непријатели, навредите кон најголемите дејци на македонскиот народ како што се Блаже Конески, Коста Рацин, Славко Јаневски и стотици други понижени првоборци и народни херои од НОБ со бришење на нивните имиња од спомен обележјата и кршење на нивните бисти, се всушност најголемите удари врз историјата на Македонија. Денес тие луѓе наместо да бидат презрени и игнорирани од јавноста се претставуваат лажно како поборници за заштита на АСНОМ и современата историја на Македонија. И, тоа сè уште проаѓа кај дел од населението што може донекаде и да се разбере. Но кога АСНОМ им служи на политичари и академски граѓани, на универзитетски професори како штит во партиските пресметки за власт, ширење на омраза и делби, тогаш тоа се ужасни злодела против сопствените граѓани и против иднината на Македонија.

И кај поддржувачите на уставните промени во парламентот и во Владата неопходна е голема внимателност да не забегаат во примамливоста на уставни измени кои излегуваат од рамките на потпишаниот и ратификуван Договор со Грција, што пак може да биде добро оправдување да не биде ратификуван во грчкиот парламент. Тоа би било погубно во оваа фаза на остварување на стратегиските цели на Македонија.
Што се однесува до спомнувањето на Охридскиот рамковен договор сосема непотребно се креваат меѓуетнички тензии бидејќи сите негови одредби се вградени во Уставот. Ако од денешна 17 годишна дистанца се препрочита Охридскиот договор кој 2001 година беше доживеан како потпишување на капитулација исто како сега договорот од Преспа, ќе се потврди точноста на мојата маленкост уште на првата годишнина од неговото потпишување дека тој повеќе им треба на Македонците, отколку на Албанците. Тоа е единствениот документ кој го имаат потпишано македонските и албанските лидери на политичките партии со гаранција на ОН за неделивоста на територијата на Македонија. Според тоа не е на одмет да има уште една гаранција во Уставот за зачувување на територијалниот интегритет на државата. Се разбира, тоа не може да биде подеднакво силно колку што е значајна безбедноста на Македонија од аспект на економскиот и демократскиот развој и членството во НАТО и во ЕУ. Договорот со Грција е предуслов за остварување на тие најприоритетни цели за иднината на Македонија. Договорот ќе биде спроведен во живот бидејќи е прифатлив за двете страни и е историски оправдан компромис.