Американски КФЦ на 14 септември ги отвора првите два ресторана во Македонија


Првите два ресторана на американскиот бренд КФЦ ќе бидат отворени во Скопје и Тетово на 14 септември годинава. Ова го најави сопственикот на лиценцата Фатмир Зимбери на средба со премиерот Зоран Заев.

Како што соопштуваат од владината прес-служба, американската компанија ќе инвестира повеќе од 10 милиони евра и согласно подготвениот бизнис план планирано е да се отворат повеќе ресторани во земјава со околу 400 нови работени места.

Премиерот Заев, поздравувајќи ги намерите на компанијата, изрази особено задоволство заради доаѓањето на светски познатиот бренд и порача дека секоја нова инвестиција во Македонија освен што отвора нови работни места и придонесува за економскиот развој, испраќа и силна порака до новите инвеститори дека државата е безбедна и солидна на пазарот.

Сопственикот на лиценцата, господинот Зимбери, информираше дека до крајот на годината се планира отворање на вкупно три ресторани во Македонија, со подготвен четиригодишен бизнис план за отворање 15 до 20 ресторани со вкупно 400 вработени.

– Особено сум среќен дека со инвестицијата вредна над 10 милиони евра, ние освен нашите вработени, обезбедуваме партнерство исклучиво со домашни компании од кои се снабдуваме со потребните суровини и намирници, истакна сопственикот на лиценцата.

Зимбери додаде дека КФЦ како лидер во подготовка и послужување на пилешко месо, веќе има направено анализа на позициите на регионите во Македонија, каде може да се стимулира одгледувањето на кокошки.

– Отворањето на КФЦ е голем чекор во демонстрирањето на инвестициска клима во Македонија и особено сум среќен поради доаѓањето на овој бренд и поради фактот што се испраќа порака за останатите нови инвеститори, со што ќе се зголеми вработувањето и ќе се отворат нови економски можности, рече премиерот Заев.

Тој ги истакна заложбите и политичката волја на Владата да гради партнерски однос со бизнис заедницата, преку редовна и интензивна комуникација за потребите на бизнисот и за унапредување на економијата.

Компанијата КФЦ, со седиште во Кентаки, САД е основана во 1991 година и со повеќе од 23.000 ресторани во над 120 држави е втор најголем ресторан за брза храна во светот. КФЦ е лидер во подготовка и послужување на пилешко месо подготвено на специфични начини.