Александар Чепурин: Косово да се врати на Србија


Амбасадорот на Русија во Србија Александар Чепурин, изјави дека Косово е српска земја, лулка на Србија и нејзиното свето место и дека треба да се врати во правната и државната смисла на Србија во согласност со меѓународното право.

Во интервју за списанието на Московскиот државен институт за меѓународни односи на руското Министерство за надворешни работи, Чепурин рече дека состојбата со Косово е истоветна како и со Крим, која е руска земја и која се врати во Русија.

Постои Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 10 јуни 1999 година, според која Косово е дел од Србија и не постои друга меѓународна правна рамка, истакнал Чепурин.

Според него, „самопрогласената псевдодржава Косово денес постои сама по себе и таа е одвоена од Србија со квазиграница“.

Во исто време Србите компактно живеат на северот од Косово, во Косовска Митровица, Зубин Поток, Лепосавиќ и Звечан, области кои на властите во Приштина практично им се недостапни, кажа Чепурин.

Говорејќи за официјалниот став на Русија за Косово, Чепурин рече за ова постојат три моменти.

Прво, ние не ја признаваме државата Косово и строго се придржуваме кон Резолуцијата 1244. Само Белград и Приштина можат да се согласат за статусот и степенот на автономија на таа покраина. Второ, оваа одлука мора да се донесе без дрскиот притисок од Запад врз Белград и трето ние ќе бидеме подготвени да помогнеме во потрагата по компромисот и одржливото решение, рече Чепурин.

Тој додаде дека Русија е подготвена да ги поддржи оние компромиси кои народот на Србија би ги сметал за прифатливи.

Иницијативата и дефиницијата на ставот е до Србија, а улогата на Русија е во можната помош по барање на српската страна, но важно е да се забележи дека сé повеќе земји размислуваат за повлекување на признавањето на Косово, рече Чепурин.

Србите категорично не сакаат да ги влошат односите со Русија, тие цврсто се противат на пристапувањето во НАТО, а останува проблемот со Косово. Притисокот на Американците се зголемува, но Белград нема намера да капитулира пред  Западот, кој ја користи ЕУ како „морков” за да ја принуди Србија да направи отстапки, наведува Чепурин.