Албанија регионален лидер во привлекување странски инвестиции


Реформите што ги спроведува Владата во полза на бизнис климата и позицијата на Албанија како важна порта кон источноевропските и балканските земји и помогнаа на земјата да привлече околу 13 отсто од странските инвестиции во регионот.

Странските директни инвестиции минатата година надминаа една милијарда долари, додека приливот оваа година се очекува да биде уште поголем.

Албанскиот премиер Еди Рама оценува дека странските инвестиции се клучен двигател на економскиот раст и највисок приоритет на неговата Влада. Албанија веќе има сосема нова регулаторна рамка специјално насочена кон привлекување странски инвестиции или „будење“ на домашниот капитал.

Секторите кои нудат најдобри можности за инвестирање се енергетиката, рударството, транспортот, инфраструктурата, електрокомуникацијата, управувањето со отпадот, туризмот, земјоделството,риболовот и технологијата.

Албанската Влада, исто така, усвои пакет даночни олеснувања за стратешки инвестиции, главно во туристичкиот сектор, кој забележа висок раст во последниве години.

Според официјалните податоци минатата година во туризмот остварен е приход од околу 1,5 милијарди евра (околу 8,4 отсто од БДП на земјата), а оваа година Владата од овој сектор очекува приход од околу 1,7 милијарди евра.

Овој пакет предвидува дека од 1 јануари 2018 година, новоизградените хотели ќе бидат ослободени од плаќање данок за десет години. Во исто време, постои намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) во туризмот од сегашните 20 на шест проценти.

Во текот на 2017 година извозот од Албанија достигна 273 милијарди леки, што е 12,1 отсто повеќе во однос на претходната година додека увозот на стоки изнесува 626 милијарди леки што е 8,1 отсто повеќе во однос на претходната година.

Во текот на 2017 година Албанија најмногу извезувала во Италија, Косово и Шпанија.

Трговијата со земјите од ЕУ изнесува 66,3 отсто од вкупната трговска размена во 2017 година, а извозот во ЕУ изнесува 77,1 проценти од вкупниот обем, додека увозот од овие земји, 61,6 проценти од вкупниот обем.

Меѓународната агенција за финансиски студии “Стандард и Пурс” оваа недела даде позитивна оценка за албанскиот економски развој, наведувајќи дека голем број големи инвестициски проекти, вклучувајќи го Трансјадранскиот гасовод (ТАП), кој ќе ги поврзува Албанија со Италија и Каспиското Море, и Хидроелектраната „Девол“ ќе го поткрепат економскиот раст.