Ако Македонија ја нема


Анета Димовска

„Македонија, ако ја немаше, би требало дипломатијата да ја создаде за доброто на Балканот“, Петар Поп Арсов

Најчесто, кога двајца луѓе ќе се затекнат сами во одредена тешка состојба, тие природно, а во согласност со психолошките карактеристики, афинитети и познавања, ќе се распределат на водач и негов придружник. Едниот ќе води, другиот ќе следи… Така, доколку се исполни заемно посакуваната цел, водството, односно владеењето, станува еден вид оправдана неправда. Оној што владее ги заштитува владеаните, бидејќи ги доживува како послаби и понеподготвени, односно социјално инфантилни или, пак, ги третира како примитивно деструктивни и тогаш врз нив применува притисок. Овој однос е речиси константа низ историјата, па и денес, независно од степенот на демократизација на општествата и бојата на целофанот во кој е спакувана. Суштината е иста во рамки на политички организираните единици, но и на светско ниво кога во ликот на владетел ги гледаме големите сили. Границите меѓу државите на карта на светот се продукт на ваквите односи.

Претходново, за да се разбере она што следува…

„Утре НАТО ќе донесе историска одлука за прием на трите балкански нации Хрватска, Албанија и Македонија“, изјава на поранешниот американски претседател Џорџ Буш непосредно пред Самитот на НАТО во Букурешт во април 2008 година. Веќе наредниот ден Буш изрази жалење што не бил постигнат консензус по прашањето околу членството на Македонија (поради противењето на Грција) и додаде дека спорот со Грција за името треба да биде брзо решен. Шлаканица од соседот за Македонија, но и за САД.

Потоа, на 7 мај 2008 година, Македонија и САД потпишаа Декларација за стратегиско партнерство и соработка со која Соединетите Американски Држави ќе продолжат да соработуваат со сојузниците во НАТО за да ја одржат стабилната соработка со Македонија додека чека покана за членство. Ова дополнително треба да ја зајакне подготвеноста на Македонија да ги преземе обврските и одговорностите кон Алијансата во блиска иднина, што подразбира и решавање на спорот за името.

САД уште еднаш јасно дадоа до знаење дека ова парче земја на Балканот спаѓа во сферата на нивниот геостратегиски интерес, а ние ја уживавме нивната наклонетост со цел да го решиме проблемот. Согласно претходното, во овој период третирани сме како социјално инфантилни.

Ние го решававме спорот за да не го решиме и паралелно градевме споменици на антички јунаци и по нив именувавме објекти. Со процесот, кој популарно се нарече антиквизација, и преку сервирање фолклор кој прелесно се лепеше на народните маси (кои секогаш се страдни да се чувствуваат велики, особено кога изостануваат други успеси на кои би се гордееле), се создаваа и квазипатриоти.

Така, од социјално инфантилни ние за САД и партнерите станавме несериозни и примитивно деструктивни, па од фазата на заштита и наклонетост после една деценија врз нас применија притисок, со една цел решавање на спорот со Грција и реализирање на нивниот стратегиски интерес. Во оваа приказна ние практично од „жртва“ станавме „агресор“, по што ни се испорача договорот во Нивици. Содржината на договорот не ни се допаѓа, но овде нема да зборувам за детали од истиот, ниту за правото и праведноста ниту за идеали, туку за она што е објективна реалност и за нашата неподготвеност да се справиме со истата.

Мојата реалност е ваква: економија во слободен пад, силуван правосуден систем, инертни институции, медиуми со внимателно одбрани аналитичари кои го убедуваат длабоко поделениот сензибилизиран народ како договорот е добар и ЕУ само што не нè примила и колку добро ќе биде кога ќе нè прими и дека треба да се помириме (не знам дали некој знае што точно значи ова), но и други кои објаснуваат колку било важно името да го сочуваме, па како се кршат законите, поради кој член од кој закон референдумот не е успешен и дека договорот е катастрофа за нашиот идентитет…

Во мојата реалност има и многу политичари, едни со „all-in“, камшикари, секојдневни пропусти рамни на скандали кои лошо продаваат приказна за европска Македонија, а од друга политичари кои се радуваат на нивната неспособност и чекаат да пројде сè, па да ќарат на некои наредни избори со приказната останавме патриоти, другиве го сменија името.

Меѓу политичарите има и такви кои преку ноќ стануваат прогресивни (или биле и претходно, ама не сме ги знаеле), па се пројавија на телевизииве на наместени интервјуа да нè просветлат (или навреме да ја фатат вистинската страна).

Е ова е лудило, но сигурна сум дека зад димните завеси граѓаните ја наѕираат разголената суштина и гласно ги нарекуваат работите со вистинското име.

„Ова веќе не е држава!“, е коментар кој често се слуша и веројатно луѓето се во право. Институциите кои треба да создаваат правила во конкретниов случај се руинирани, а колку и да сакаме да мислиме поинаку суверенитетот не сме во состојба самите да го гарантираме. Веќе е неважно кој придонел за истото, виновници има премногу или сите сме виновници.

Она што треба да го направиме во овој момент на историјата е да се погледнеме во очи меѓусебно и да се прашаме: „Сакаме ли држава? Можеме ли да се носиме со одговорноста да ја имаме?“

Ако одговорот на првото прашање е да, тогаш треба да знаеме дека мора да се носиме и со одговорноста да ја имаме. Така, треба да разбереме дека поддржувачите и партнерите на оваа каква таква држава која се уште постои мора да ги доведеме во состојба да ни веруваат и да нè поддржуваат.

Понатаму, одговорноста да имаме држава значи суштински реформи и повторно градење на институциите, враќање на доверба во правосудниот систем и економски развој. Истото, подразбира процес кој мора да се одвива со широк консензус и во кој не смеат да бидат вклучени оние кои директно ги рушеа институциите или индиректно придонесоа за нивно рушење.

Општествено помирување никако не може да се случи со ракување, прегратки и мирeње на пратениците во Собранието. За помирувањето е потребно подолго време во кое граѓаните континуирано нема да се изложуваат на „дразби“ од страна на политичките елити. Дотогаш извесно е дека вака сите на куп непомирени ќе мора да ги преживееме случувањата во наредниве месеци. Потоа многу потрошени ликови мора да разберат дека се потрошени и да заминат засекогаш од политичката сцена. Не ни остана нешто друго на патот до НАТО (за ЕУ ќе си почекаме повеќе).

Клучно е да разбереме дека ако сакаме да ја сочуваме македонската држава таа мора да функционира и во неа секој граѓанин да се чувствува неопходен, корисен, вреден и приврзан член на заедницата. Ако толку ја сакаме, денес кога ја имаме македонската држава – да ја сочуваме! Заради нас самите, за наше добро. За другото, ќе се бориме…