Адеми не играше, Елмас како да не играше
Стефан Ристовски, Елиф Елмас, Даниел Мојсов и Иван Тричковски одиграа 90 минути за своите тимови во првото коло на фудбалската Лига Европа. Спортинг во Лисабон со 2-0 го совлада Карабаг, кипарски АЕЛ на свој терен загуби со 1-0 од Цирих, додека Фенербахче доживеа дебакл на „Максими“ против Динамо со 4-1. Капитенот на „модрите“, Аријан Адеми не играше поради повреда. Неговата замена, младиот Иван Шуњиќ ја начна мрежата на турскиот великан, а потоа погодија Изет Хајровиќ (двапати) и Дани Олмо. Стрелец за Фенербахче беше Германецот Роман Нојштадер, кој во тие моменти намали на 2-1. Нашиот репрезентативец, Елмас играше очајно, како и целата негова екипа, поради што се навестува отказ на тренерот Филип Коку. Доби жолт картон поради кошкање со противничките играчи. За две недели, Динамо игра со Андерлехт, а Фенербахче со Спартак Трнава.
Од поинтересните натпревари, Челзи го почна своето учество во Лигата на Европа со победа како гостин кај ПАОК во Солун. Тренерот на „сините“, Маурицио Сари влезе во мечот со најсилниот тим, покажувајќи дека Англичаните сериозно го сфаќаат противникот. Англичаните забележаа победа со 1:0, иако резулатот можеше да биде поубедлив. Единствениот гол го постигна Вилијан во седмата минута, а напаѓачот Алваро Мората промаши неколку чисти шанси. Во следната рунда на 4 октомври, Челзи го пречекува МОЛ Види, а ПАОК оди на во Белорусија кај БАТЕ Борисов.
Ајнтрахт Франкфурт се врати во европските клупски турнири на импресивен начин. Германците играат во Лига Европа за прв пат од 2014 година наваму, и го надиграа како гости ланскиот финалист Олимпик Марсеј со 2:1, иако играа со играч помалку во една третина од дуелот и заостануваа во резултатот во значителен дел од него.
Натпреварот на „Стад Велодром“ беше одигран пред празни трибини поради казната што ја претрпеа домаќините поради инциденти на нивните навивачи во минатогодишниот турнир. Така, Ајнтрахт започна со три бода во групата „Х“, а во следниот натпревар го пречекува италијански Лацио. Од друга страна, Марсеј оди во посета на Аполон од Лимасол.
И Арсенал почна победнички. На домашен терен ја совладаа украинска Ворксла со 4-2.