Ќе се утврдува колку загадува греењето на дрва

Повторно ќе се испитува квалитетот на воздухот во Скопје. Градските власти на тендер бараат компанија која по акредитирани методи во текот на 12 месеци ќе го испитува квалитетот на воздухот, со акцент на деловите од Скопје каде што затоплувањето е со печки на дрва. Слично истражување беше спроведено во 2016 и 2017 година, а повтореното испитување се прави за да се потврдат резултатите, но и за да се опфатат нови локации. Според јавниот повик, Градот Скопје ќе го испитува присуството на левоглукосан, супстанција која се јавува во воздухот како последица од согорување биомаса. Испитувањето ќе се прави на три локации, од кои две во населби каде што затоплувањето на домовите е претежно со печки на дрва и на една локација каде најголемиот дел домаќинства се вклучени во системот на парно греење. Во повтореното испитување на квалитетот на воздухот во сите годишни времиња ќе се мери и присуството на ПМ-10 честичките. Првото испитување беше правено во населбите Лисиче и Ѓорче Петров и во Општината Центар.

„Испитувањето на квалитетот на воздухот и резултатите кои ќе се добијат ќе бидат основа за донесување на вистински мерки за намалување на загадувањето. Мерењето треба да се врши преку 24-часовен мониторинг, а од сите три локации треба да се анализираат по 168 мостри и да се одредат концентрациите на ПМ-10 и нивото на левоглукосаните во нив“, се вели во тендерската документација.

Во ноември минатата година Владата загревањето на домовите го посочи како најголем загадувач на воздухот. Тоа беше заклучокот од извештајот на интерресорската работна група составена од 17 државни институции и граѓански и еколошки организации, која работеше на анализа на овој проблем. Извештајот предложи неколку мерки на краткорочен и долгорочен план, меѓу кои и  враќањето на исклучените граѓани во системот на централно греење, субвенции и стимулации за нови типови на загревање, секој инвеститор при добивање градежна дозвола да приложи проект за начинот на затоплување на објектот, а на долг рок гасификација и забрана за користење на јаглен за загревање на домовите, мерка која треба да се имплементира до 2021 година. (С.Н.)